Васко Шутаров

Да не беше големото августовско интервју на Хенри Кисинџер за Wall Street Journal, ќе останевме покуси за едно вистински возбудливо патување на светот кон неговите поблиски и подалечни перспективи.

Кисинџер не е единствен светски авторитет кој гласно говори и постојано предупредува каде одат светот и векот во актуелниов миг, но неговиот глас на најголем жив светски авторитет од дипломатијата, ги прави неговите пораки вирални, но и со долготрајна моќ на влијание. Пораките што ги упатува Хенри Кисинџер се исчитуваат крајно внимателно, како пораките на Римскиот Папа, на пример! Ништо чудно и ништо необично, за некој што повеќе од половина век го нарекуваат патријарх на светската дипломатија.

Дури и вообичаено внимателните и воздржани Кинези по интервјуто не пропуштија прилика малициозно да искоментираат, како „еден 99-годишен политичар му одржува лекција на еден 79-годишник“. (Џо Бајден во ноември годинава полни 80 години). И руската агенција ТАСС, не пропушти прилика меѓу првите да цитира поенти од интервјуто: „Ние (се мисли на САД), сме на работ на војна со Русија и Кина околу прашања кои делумно сами ги создадовме, без никаков концепт како ова ќе заврши или кон што би требало да води! Не може сега просто да кажете, ајде, ќе ги раздвоиме (се мисли на Кинезите и Русите) и ќе ги свртиме едни против други“!
Поранешниот американски државен секретар Хенри Кисинџер, кој својата светска дипломатска слава ја доживеа во 60-тите и 70-тите години од минатиот век, денес сѐ уште важи за најуважуван геополитички мислител кој најдобро и најдлабоко ги разбира актуелните процеси во меѓународната политика, а добро упатените велат дека не постои важен меѓународен собир (како на оние отворените, така и на оние затворените за јавност), каде не бил повикан да ги изрази своите размислувања и ставови. За помалку упатените, Кисинџер, покрај Черчил, Рузвелт, Де Гол и Тачер, важи за еден од најцитираните светски политичари („Моќта е најголем афродизијак!“, е еден често споделуван цитат), а тој самиот, и покрај честите укажувања дека историјата на дипломатијата не смее да биде читана како книга со готови рецепти за готвење, доживува токму неговата ризница од книги, колумни и интервјуа да биде користена така како книга со готови рецепти и решенија за сите можни глобални проблеми и предизвици. Колку пати само, дури и најпознатите актуелни светски лидери исправени пред сопствената немоќ да решат некој глобален проблем, знаеле да спуштат раменици и да се повикаат на некој негов антологиски разговор, како оној од пред 50 години со британскиот премиер Џејмс Калаган, кога на прашањето: „Каков ќе биде 21 век?“, Кисинџер лаконски одговорил: „Ќе биде брутален и ќе бидам среќен што во најголем дел нема да бидам сведок на тоа!“

Денес, Хенри Кисинџер на прагот од својот 100-ти роденден, сѐ уште умее да ги шармира и освојува, дури и оние кои не се согласуваат и ги оспоруваат неговиве ставови за тоа, како треба да се носат важни одлуки, како да се стекне доверба, како да се одржуваат ветувањата и како се предлага и изодува пат кој води напред. Денес, неприкосновена важност и за апологетите и за опонентите на неговиот дипломатски опус имаат неговите мисли дека: „Ниедна надворешна политика, колку и да биде генијална, нема никакви шанси за успех ако се роди во главите само на неколкумина, а не се носи во срцата на никој“ или дека „Најважниот тест во политиката е како да завршиш, а не како да започнеш нешто“ како и онаа, дека „политичкиот тест не е во апсолутното задоволство, туку во избалансираното незадоволство“.

Имајќи предвид дека станува збор за еден од најважните архитекти на постоечкиот светски поредок и еден од најдобрите познавачи на глобалната структура на моќта, Кисинџер и во ова последно, августовско интервју, како и во други прилики, не се расфрла со големи мисли, спекулативни идеи или сензационалистички изјави, туку просто го зема флуоросцентниот маркер во рака и го исцртува во неколку потези она што му претстои како закана на збунетово и во прилична мера изгубено глобално село во кое живееме.

Неговата лекција од интервјуто, која со полно право, во моментов ја споделуваат подеднакво и западната и источната јавност, се однесува на опасно нарушената рамнотежа на моќ, и тоа не само поради напуштањето на неговата формула, која скоро половина век даваше резултати и го крепеше светот заснован на Pax Americana: меѓусебните односи на Русија и Кина не смеат да имаат поголема потентност и динамизам од збирот на односи помеѓу САД и Русија и САД и Кина! Денес, таа глобална рамнотежа е нарушена како никогаш досега, а загриженоста на Кисинџер за опстанокот на светот е повеќе од оправдана.

Како еден од татковците на американската надворешна политика и како дипломат кој успеа ја оттргне Кина од прегратката на некогашниот Советски сојуз за време на Студената војна (и преку т.н. пинг-понг дипломатија да ги нормализира американско-кинеските односи, а истовремено да ја намали политичко-воената напнатост помеѓу тогашните супер велесили САД и СССР), како дипломат кој успеа да стави крај на 20 годишната американско-виетнамска војна и како ненадминлив „шатл-дипломат“ кој успеа да ги врати во нормални дипломатски рамки израелско-арапските војни, Хенри Кисинџер има право, да го исцртува профилот на посакуваните државници кои му се потребни на светот денес: „да поседуваат класични државнички квалитети, како што се визија, мудрост, знаење, одмереност, трезвеност, внимателност и трпеливост.“ Има легитимно право и да не ги пронаоѓа овие државнички доблести кај актуелните американски и светски политичари, а, патем, на никој од нив ни на крај памет да не му падне да го обвинува за руско или кинеско влијание во градењето и споделувањето на таквите негови ставови.

Хенри Кисинџер е несомнен авторитет кој суверено владее и со глобалниот и со историскиот наратив и кој е жив сведок, учесник и промотор на успешни дипломатски практики како најдобар дипломатски преговарач во втората половина на 20 век, кој не мора да се додворува на ниедна страна во меѓународните односи и кој може отворено да критикува, не нудејќи готови решенија никому, туку само да промовира начела, принципи и алтернативи како кризни излезни решенија, секому. Посебно на администрацијата на Џо Бајден, за која смета дека „во моментов реагира многу емотивно“ и дека премногу е „ фокусирана на осуда на идеите со кои не се согласува, наместо да преговара и да се занимава со размислувањата на оние што ги смета за противници“.
За Кисинџер, најважната компонента на рамнотежата во глобални рамки се состои во умешноста на прифаќање на легитимноста на понекогаш спротивставените вредности „затоа што ако мислите дека конечниот исход од вашиот напор треба да биде наметнување на вашите вредности, тогаш, мислам дека рамнотежата не е можна!“. Кинезите, во духот на „кисинџеровата пинг-понг дипломатија“, први возвратија и одговорија на ова негово дијагностицирање на актуелната (не) рамнотежа во меѓународните односи: „Очигледно, актуелната американска влада поим нема зa суштината на рамнотежата, бидејќи прво треба да ја признаете легитимноста на другиот. Ако го оспорите легитимитетот вклучувајќи го и суверенитетот на другиот, невозможно е да се постигне рамнотежа“!

(Мала дигресија?! Ми излегува Кисинџер пред очи, потонат удобно во својата фотелја, како ги прегледува договорите од Софија и Преспа и како детски гласно се потсмевнува и коментира: „Толку ли немаше кој да ги подучи Македонците дека големиот пазар за новата глобална рамнотежа на моќ допрва претстои, а тие веќе потпишале и го дале сето свое вредно и славно што го имаат?!“ )

Последното интервју на Кисинџер е добар повод, освен неговите генерални назнаки со кои ги детектира главните глобални проблеми и предизвици за светот, да се потсетиме и на неговите погледи поврзани со Балканот, бидејќи од самите почетоци на својата универзитетска кариера на Харвард, на своите познати семинари тој поканувал и политичари од регионов, преку чии ставови за состојбите во нивните држави, го создавал сопствениот балкански мозаик, кој подоцна како прв светски дипломат само го надградувал и му додавал нови тонови и нијанси.
Убаво е да се потсетиме, дека Кисинџер и Јосип Броз Тито биле во тесна трка за добивање на Нобеловата награда за мир во 1973, која на крајот, за постигнатиот мировен договор со кој заврши американскиот воен ангажман во Виетнам ја добива Кисинџер. Убаво е да се знае и дека Тито долго одбивал средби со него, најмногу поради неговото директно влијание и контроверзна улога во државниот удар во Чиле во 1973 („Демократијата е премногу важна за да ја оставиме само на гласовите на народот“) и бомбардирањето на Камбоџа во текот на Виетнамската војна, иако добро знаел за нескриените симпатии на Кисинџер кон југословенската неутралност и неврзаност за време на Студената војна. За нивната прва средба во 1974 година, Кисинџер во своите мемоари ќе запише дека:„Тито ќе беше голем човек и да немаше политичка моќ“.
Распадот на Југославија за Кисинџер не беше изненадување, самиот многу порано од другите ги спомнуваше национализмите како доминантна балканска сила, и „ако веќе сакате да му се спротивставите на комунизмот, најдобро е да бидете националист“, ќе речеше во една друга прилика. Како што прв луцидно предупредуваше, дека отворањето на источноевропските држави кон Западот, нема веднаш да значи и усвојување на западните вредности, туку наместо слободите и демократијата најпрво ќе се изродат криминал и корупција, незапосленост и општа дезориентација.

Добро е да се потсетиме дека Кисинџер беше и против воената интервенција во Босна, како и против интервенцијата на НАТО во Србија, која во колумна за неделникот Time ја нарече „Војната на Медлин“ (мислејќи на Медлин Олбрајт), но „кога веќе Американците влегоа, треба да ја завршат работата и да ги остварат своите цели што е можно најдобро“. И тоа што за нас Македонците е најважно, на многу важни меѓународни настани поврзани со распадот на Југославија и состојбите во регионот, неброено пати повикувал да не се провоцира ни случајно таков конфликт во Македонија, бидејќи во тој случај во војната би се вклучиле според него и Албанија, Бугарија, Грција, веројатно и Србија и секако Турција“. Не паметам, барем во македонскиот јавен академски и медиумски простор, Кисинџер да има одговорено на прашања директно поврзани со неговиот став за Македонија од времето на војните за југословенското наследство, како и за повикувањето на крајна внимателност и во иднина кога се во прашање Македонија и Северна Грција, „каде е многу можно да се влегува од една криза во криза“.
Денес Кисинџер, во пресрет на својот 100-ти роденден активно ја води фондацијата Kissinger Associations, многу појасно од кој било разбира дека новата геополитика ќе се вика геополитика на големите пространства и дека воспоставувањето на новата рамнотежа на моќ ќе носи многу тектонски потреси во меѓународната политика.

И покрај својот неспортски дух и крајно неспортски изглед, Кисинџер ќе остане запаметен и како прв претседател на Фудбалскиот сојуз на САД. Така човекот, кој со својата легендарна изјава: „А на кој телефонски број можам да ја добијам Европа“, сѐ уште како ноќна мора ја бранува европската јавност која е поделена околу свои бројни проблеми, со своја лична иницијатива го внесе најпопуларниот европски спорт во американскиот живот. „Ако еден ден историјата ме демантира за сѐ што имам направено во политиката и дипломатијата, верувам дека барем моj мал портрет ќе остане во Американскиот фудбалски сојуз.“

А за неупатените и инстант, „а ла минут-дипломати“, какви што во македонската актуелна политика и дипломатија се намножија во прилично голем број, Хенри Кисинџер би можел да биде корисен и преку само неколку негови контроверзни изјави: „Нелегалното ќе го направиме веднаш, за неуставното ни е потребно малку повеќе време!“ или „Да се биде непријател на Америка може да биде опасно, но да се биде пријател е кобно“, а во крајна нужда, многу корисна може да биде и една од омилените книги на Дејвид Боуви, „Судењето на Хенри Кисинџер“ од Кристофер Хиченс, на пример?!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.