Васко Шутаров
„Историјата“, пишуваше Арчибалд Меклиш, „е како лошо изградена концертна сала, со мртви агли каде што музиката не се слуша! Таа концертна сала бара поинаква акустика, поинаква мелодија од онаа што ја изведуваат вистинските виртуози од времето во кое живееме. Тоа е таа тајна историја, која сака да верува во важноста на силата на личните односи, тајните договори и во важноста на салонската дипломатија и будоарското политиканство!“ Секоја историја што сака да ги испита овие „договорени факти“ од мртвите агли на концертната сала, мора да се помири со фактот дека заедно со неа станува дел од еден ист „чин на богохулење”, велеше книжевниот критичар и филозоф Цветан Тодоров!
Живееме и создаваме историја додека ги пополнуваме личните и колективните празнини од сознанијата за неа, обидувајќи се (најчесто од нужда!) да извлечеме брзи поуки колку да не ги повторуваме старите грешки! Живееме и создаваме историја, жива и непосредна, верувајќи најмногу во вредностите на човековиот слободен дух и слободен креативен чин, во развојот на светот преку културата, преку образованието и науката и верувајќи силно во идеалот за совршено конструирана концертна сала исполнета со акустиката која ги слави и воспева универзалните вредности за неприкосновеноста на слободите, еднаквоста и правата на секој човек подеднакво! Но живееме и потполно свесни за историјата од мртвите и мрачни агли од концертната сала, каде со леснотија и фриволност, се емитира една поинаква акустика исполнета со диктати, закани и уцени, со ѕвечкања од оружја, со војнички ритми и барабани, со топовски татнежи, крици и лелеци!
Сите сенки од мрачните агли, во кои тајно се договарале војни и примирја, во кои се кроеле и раскројувале карти за поделби на држави и народи и се вршеле прераспределби на светската моќ, се надвиснати и се оживеани во актуелниов миг кој го живееме – оживеана е Студената војна од минатиот век, се разгоруваат старите рани на недовршените војни од сите минати векови!
Актуелниов миг што го живееме толку јасно ни ја исцртува несовршената архитектура на концертнава сала од нашите животи и така гласно ни ја доловува акустиката во која гласовите на првенците од културата, од образованието и од науката се губат покрај какофонијата емитирана од мртвите агли во салата за креирање историја! Лесното и фриволното, за чудо, најдобро се разбира со акустиката што ја емитираат токму оние со тврдо уво за култура, наука и знаење и најлесно го следи диктатот на тврдата моќ во политиката и во дипломатијата – и тој тренд станува доминантен во креирањето на нашите животи и во времето во кое живееме!
Но, зошто тогаш, толку многу се вложува во развојот на меката моќ во дипломатијата, посебно во културната дипломатија – и тоа многукратно повеќе отколку во времето на нејзината најголема експанзија за време на Студената војна од втората половина на минатиот век?! Созреа ли свеста, дека темпото со кое тврдата моќ во меѓународните односи го диктира нивниот „развој“ може потполно да ја измести оската околу која балансира во моментов светот, а со балансот може лесно да се „изгуби и компасот“ со кој би се уништил и светот, и тоа многукратно! Созреа ли можеби свеста дека во срцевината на сите недоразбирања, констернации и конфликти, сепак се кријат културолошки проблеми и дека само културата и културната дипломатија можат најлесно и најбрзо да се справат со нив и благовремено да ги превенираат?! Но, да беше само до свеста и до нејзиното созревање, немаше да бидат војните сè уште постојани теми од дневниот ред на светската политика!
За чудо, денес полесно ќе дојдеме до податоци, колку секоја од државите издвојува за оружје, за развој на новите воени технологии и за развој на сопствената воена моќ, отколку до податоци колкави се издвојувањата за развој на нивната мека моќ и колкав е обемот на ресурсите за стекнување допадливост, веродостојност и убедливост во освојувањата на срцата и умовите на граѓаните и народите ширум светот! Од она малку што се знае, борбата за влијателност во дизајнирањето на архитектурата на актуелниов меѓународен поредок е исклучително скапа работа!
Она што денес и во разгорот на новата Студена војна во културата ја прави културната дипломатија незаменлива и исклучително потребна (освен потребата од тоа да отвора прозорци за соработка и кога сите други врати за дипломатска комуникација се затворени), е што непогрешливо точно токму преку нејзините алатки и инструменти, најлесно може да ги детектира и исцрта маркерите на конфронтирање и маркерите на кооперативност помеѓу културите, заедниците, народите и државите во светот!
Експертите и познавачите на културната дипломатија, многу добро ги распознаваат тие маркери на конфронтација или кооперативност и токму преку нив, таму каде културните дипломатии фронтално се соочуваат и не изнаоѓаат модуси за соработка и продлабочување на партнерствата, ги исцртуваат границите на новата Студена војна во културата!
Тие сигнали кои културната дипломатија прва ургентно ги испраќа, за жал денес се и предвесници на вистински брутални војни – војната на истокот на Европа и на Блискиот Исток се непогрешлив показател за тоа! Руската културна дипломатија долго пред започнувањето на војната имаше приоритетна задача да ја таргетира Белорусија и Украина, а во вторава посебно фокусирајќи се на Русите во Украина и Украинците кои негуваа сентименти кон некогашнот Советски Сојуз! Но, таа културно-дипломатска акција беше базирана врз груби и не докрај ажурирани согледувања за културолошкиот контекст каде требаше да деjствува -и не успеа во својата мисија!
Американците и покрај вложувањата на огромни ресурси за враќање на довербата и влијанието меѓу арапскиот свет (изгубени во акциите од т.н. Арапска пролет), се во слична позиција, да не ги согледуваат и прифаќаат како факт промените во новоструктурираните културолошки контексти, посебно оние кои не им конвенираат и затоа не успеваат да создадат наклонетост и стекнат поддршка за својата политика и политиката на нивниот најверен стратешки сојузник во тој регион, Израел! Барем не во рамките на нивните можности и стандардни очекувања!
Местата кои американската и руската културна дипломатија ги губат, веднаш ги пополнуваат останатите моќни културни дипломатии. Во најголем подем последниве деценија, несомнено се кинеската и индиската културна дипломатија, а нив во чекор ги следат јужнокорејската, јапонската, виетнамската, сингапурската, австралиската, канадската, британската, француската, германската, шпанската, италијанската, бразилската и турската културна дипломатија. Тоа се денес најмоќните и највлијателни 17 културни дипломатии во светот – главни актери во креирањето на амбиентот на Студена војна во културните односи на светската меѓународна сцена! Во актуелнава Студена војна, тоа не се два непомирливи политички, идеолошки, економски, воени и културолошки блока како во втората половина од минатиот век, туку се неколку динамични фронта околу кои се групираат, од една страна, поддржувачите на унилатералниот модел на уредување на меѓународните односи, креиран од САД и групацијата од држави БРИКС, кои претендираат за нов, и според нив и поправичен мултиполарен систем на меѓународни односи!
Како во архитектурата на концертнава сала денес да се позиционираат помалите држави кои по ниту еден релевантен параметар не се моќни за да можат да практикуваат тврда моќ (територија, население, економска, енергетска и воена моќ), а истовремено и да парираат во креирањето предности и поволности од кои ќе можат да го искористат најдоброто за себе, во актуелнава констелација на моќ во светски рамки?! Како поинаку, ако не преку сите можни, и стари и нови алатки и содржини на културната дипломатија, кои им стојат на располагање! Привлечната моќ на една Швајцарија, Шведска, Данска, Норвешка, Финска, случајно да не се должи на некакво практикување тврда моќ на нивните дипломатии?! Или привлечната моќ и популарноста на една Хрватска како првокласна и престижна туристичка дестинација или видливоста на Србија на спортските арени ширум светот или на картата на светски познатите музички фестивал, како „Егзит“ на пример, да не се добри практики на хрватската и српската тврда моќ во дипломатијата?!
Македонија нема друг избор, освен да се избори да се слушне и добро да се разбере нејзиниот глас во акустикава на новодизајнираната концертна сала што во моментов ја креира светската историја! Вложувањата во највредното што го поседуваме, во огромното и непроценливо културно наследство, во промоцијата на фоклорот и традицијата, во промоцијата на македонскиот јазик, во поддршката на сите гранки на културата и уметноста, во развојот на креативните и културните индустрии, во промоцијата на природните убавини, во понудата на нашата храна и вино, во вложувањата во спортот, во образованието и во науката и постојаната грижа и поддршка за младите во тие области – тоа се најисплатливи инвестиции во креирањето што поповолна и посакувана перцепција за државата на меѓународен план.
Македонија како држава, може и мора, што поскоро да излезе од замката да биде позната само како земја која е бескрајно долго врзана за двете спорни прашања со своите соседи! Најголем хендикеп за културната дипломатија на една држава е кога станува препознатлива само по некој проблем од меѓународни размери! А наследници сме на една моќна и низ вековите самоодржлива култура, која нè обврзува да ги надминеме и сите замки и сите препреки и заедно со она што современата македонска култура може да му го понуди на светот како вредност, да го испромовираме на најсоодветен начин!
Секој од нас може да биде дел од тој културно-дипломатски подвиг! Секој наш граѓанин што живее надвор од државата, може да биде дел од тој културно-дипломатски подвиг! Сите државни институции, мора да бидат дел од тој културно-дипломатски подвиг!
Не смееме да си дозволиме, ни за момент, да заборавиме каде припаѓаме и каде е нашето место во концертнава сала во која се креира современата историја и секогаш мораме да се позиционираме колку што можеме подобро и поумешно во новиве меѓународно-политички нонстелации на односи и контексти! Не смееме да заборавиме ни за момент кои сме и мораме секогаш да останеме видливи под светлата на рефлекторите и слушнати во акустиката која културата и културната дипоматија може најдобро да ја артикулираат! Во таа акустика, зарем не е доволно за почеток, само нашиот раритетен седум осмински такт да одекне, па да нè слушнат, да нè препознаат и да нè разберат сите! Дури и оние со тврди уши за убавото и возвишеното за културата, од мртвите агли на концертнава сала што креира историја, сегашност и иднина!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.