Предраг Димитровски

Во најмала рака чуден станува овој обид за добрососедство, пријателство и соработка меѓу Македонија и Бугарија. Велам обид, зашто ако навистина двете земји сакаа навистина да живеат според европски терк немаше да се повампируваат аветите од минатото, а уште помалку Бугарија токму врз Македонија и Македонците да го остварува вековниот Сан-стефански сон, што им го наметна некогашната руска царска империја.

И тој сон сега да добива нови и нови политички и идентитетски димензии под превезот на некакви максимално искривоколчени, или подобро речено непостоечки европски вредности или човекови права и слободи за кои Европа, а уште помалку Европската унија некогаш помислувала дека можат да станат реалност.

(фото ТВ Тера)

Отворањето на културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола, реалциите меѓу Скопје и Софија ги донесе до точка на вриење. За жал, неговиот претседател, не е ни важно како се вика, по многу читање и не спиење ни ја откри формулата, што изгледа Бугарија сака на сите да ни ја наметне. Многу читање, читање и оп, еден ден ќе станеме Бугари!

За волја на вистината, има многу луѓе кои читаат и ги фаќа неколкумесечна несоница, ама никако да станат македонски Бугари. Изгледа ќе треба некој и да им забае малку. И ова е добро, а така ќе биде се додека не дојде крајниот дел од историски познатата бугарска тактика за постигнување на своите цели-„со арно, со кроце и со малку ќотек“. Значи, се е добро додека Бугарите не почнат да не тепаат.

Ете, и бугарскиот претседател не не тепаше. Само со арно и со кроце ни кажа две крајно симптоматични работи, од кои едната ни е делумно веќе позната, а втората ни е пласирана за сефте.

За волја на вистината, Радев прво ќе рече дека политичарите во Македонија се обидуваат да изградат идентитет заснован на фалсификатите на Коминтерната, наместо на историскаата вистина, што било против интересите на граѓните на Македонија, кои сакаат членство во ЕУ, а потоа ќе додаде:

-Ако зборуваме за фашизам, треба да биде јасно дека Иван Михајлов е човекот кој одбил Хитлер да ја внесе Македонија во братоубиствена војна со Бугарија. Не Иван Михајлов, туку други луѓе по воспоставувањето на југословенската диктатура во Македонија, убиле и прогонувале десетици илјади во концентрационите логори, затоа што решиле да продолжат да се нарекуваат Бугари, а не Македонци. Тоа било фашизам.

И двете сижеа на Румен Радев ја истакнуваат сета негова фашистичка беда! Зашто, и двете се во стилот на онаа позната изрека од типот кога крадецот вели фатете го крадецот.

Од првиот дел на неговата последна изјава ќе остане запаметено дека Румен Радев е првиот бугарски политичар, кој отворено се заложи за целосна поделба на македонското општество, а со тоа и за распад на државата! Зошто? Прво, затоа што ги одвои македонските политичари од сите провиниенции од граѓаните, посебно Македонците, дека тие сакаат да изградат општество, наводно, темелено врз коминтерновски фалсификати, а не оти Македонците навистина се чувствуваат Македонци! И второ, раздвојувајќи ги граѓаните на оние кои сакаат и не сакаат во ЕУ, што само по себе е нонсенс, всушност ги подели македонските граѓани по етничка линија! Зашто, со други зборови, според неговата замисла, Македонците се тие, кои штитејќи го својот етнички идентитет не сакаат во ЕУ, а сите други го сакаат тоа! Ова, пак, во суштина значи предизвикување целосен раздор во општеството и заложба за поделба на државата! Нешто, што само можеше да се насети во поздравот на еден прикламиран македонски Бугарин до „неговиот пријател“, министерот за надворешни работи Бујар Османи, и потсетувањето на албанско-бугарските преговори за решавање на територијалното прашање на Балканот.

Во библиотеката на МАНУ постојат 17 тома документи и ставови од работата на Коминтерната, а веројатно исти такви постојат и во Бугарија. И во нив многу добро може да се види во што била разликата на српските, бугарските, па и на македонските членови на Коминтерната, да, имало и такви, околу решавањето на македонското прашање. Ама работата е повторно во бугарските небулози. Дали на сето тоа претходело нешто друго, на пример ставовите на Славејков, на Новаковиќ, на Гледстоун, на Мисирков и редица други имиња зад кои стојат македонско-бугарските дистинкции.

Сега за фашизмот. Бранејќи го бугарското видување на улогата на Ванчо Михајлов, Радев се најде во улога на Хитлеровите нацисти. Во 1933 година, по налог на Хитлер неговите приврзаници го запалиле Рајхстагот, а за тоа ги обвиниле комунистите.

Да биде иронијата поголема, еден од обвинетите во познатиот Лајпцишки процес ќе биде Георги Димитров, бугарски комунист и прв човек на Коминтерната, а сега еден од најомразените политички ликови во Бугарија. Неговата одбрана и обвинувањата на адреса на нацизмот и фашизмот останале забележани во светската историја, ама за Бугарите очигледно попусто. И тоа Румен Радев како социјалист, наследник на бугарските комунисти, многу добро го знае.

За Радев сега е покоњуктурно да биде антикомунист. А, во Бугарија зад антикомунизмот во суштина се крие неонацизмот, па така двата тоталитарни системи стануваат слика и опачина на една иста монета.

Според Радев, Михајлов бил човекот, кој го одбил Хитлер да ја внесе Македонија во братоубиствена војна со Бугарија. Така мисли, така вели. Но, редно е да даде некои објаснувања. На пример, какви биле стотиците и стотици политички убиства нарачани токму од Михајлов во периодот меѓу двете светски војни. Каква била војната, што од 1941, па до 1945 година се водела во Македонија? Или во Македонија немало војна? Натаму, кој од Македонија би ја почнал таа спречена братоубиствена војна со Бугарија? Бугарските окупаторски војски, кои во Македонија, нели, не војувале, туку береле цвеќиња, или партизаните?

Зошто бугарскиот Дворец му ги укинал смртните казни? Зошто во 1943 година Михајлов го повикал во Загреб неговиот професор и соработник Козма Георгиев? Зошто во 44-та година Михајлов од Загреб прво отишол во Софија, па потоа дошол во Скопје? Со кого имал прво средби и разговори во Софија-со претставници на нацистите или со претставници на бугарскиот Дворец? Каква била содржината на тие разговори и со едните и со другите?

Има многу прашања на кои Радев треба да даде одговори, дотолку повеќе што во самата Бугарија се уште со водат дебати за бугарскиот нацизам, комунизам и антикомунизам и без нивно конечно разрешување илузорно е Македонија да се обвинува за било што.

Да, по Втората светска војна во Македонија, исто како и во Бугарија, па и во редица западноевропски земји, сега членки на ЕУ, имало регистрирани и веќе обелоденети масовни убиства.

Но, нивната бројка ни случајно не е толкава, каква што споменува Радев. И самите познавачи на историјата и на историските процеси, особено од редовите на македонските Бугари, кога пишуваат на оваа тема и за жртвите на комунизмот ги споменуваат настаните во Велес, Куманово, Штип и толку. Приказната веднаш ја продолжуваат со такви настани во Србија и посебно во Хрватска и Словенија каде бројките се навистина со илјадници.

Да, во Македонија имало прогонувани соработници на наци-фашистичкиот режим и антикомунисти, но тоа ни случајно не било правено по етничка или национална линија.

Но, ноторен факт е дека во Македонија, освен затворот Идризово, немало концентрациони логори какви што сака да ни наметне Румен Радев. Далеку од тоа дека македонските комунисти биле идеални или дека немало жртви на комунизмот. Но, Радев да ги извртува тезите и бугарскиот и наци-фашизмот на Михајлов да им го наметнува на македонските комунисти е надвор од здравиот разум.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.