Атанас Кирјаковски
Во првиот дел од оваа колумна ја дефиниравме научената беспомошност како стекната пасивност од серија трауматски искуства во ситуација во која сме немале контрола што подоцна резултира со наша неспособност да се соочиме со проблемите во некоја наредна ситуација во која всушност можеме да направиме нешто. Првиот дел прави краток историјат и основен опис на феноменот и препорачувам да се прочита за подобро да се разбере вториот дел што следува.
После сета изложена теорија и експериментална поткрепа на феноменот од психолошки аспект, природно доаѓаме до прашањето за тоа како научената беспомошност се генерализира во општеството и каков е нејзиниот ефект кога истовремено ќе зафати голем број на луѓе.
Сите ние коишто живееме во Република Македонија, историски и сега, постојано се среќаваме со разни општествени, политички, економски, здравствени и останати стресори, веројатно далеку повеќе од развиените европски земји. Со децении наназад поминуваме низ бескрајна транзиција, бескрајни притисоци и „спорови“ дури и за суштински и стекнати права на идентитет, име, јазик, народ. Го „чекаме Годо“, додека корупцијата расте и додека се соочуваме со постојани разочарувања, политички трајбализам, кронизми, непотизми, предавства и „демокрадура“ (илиберална и дисфункционална демократија која само привидно делува „демократски“, а во која народот всушност нема одлучувачката моќ и контрола бидејќи тие се одземени од страна на авторитарна и корумпирана група на власт која ја злоупотребува демократијата).
Демокрадурата проклето блиску наликува на експериментите за научената беспомошност. Живеењето во такво општествено уредување создава впечаток дека што и да направи обичниот граѓанин, колку и да „лае“, електричниот шок нема да запре (за подобро разбирање на оваа метафора, повторно препорачувам да го прочитате и првиот дел на оваа колумна). Демокрадурата претставува еден голем и сеопфатен општествен стресор (или конгломерат од стресори) кои ги принудуваат граѓаните да научат да бидат беспомошни и се создава впечаток дека што и да направат, не можат ништо да сменат. Дека работите во демокрадурата се неменливи, дека проблемот е во „нас“, дека сме премногу „мали“, дека корозијата ја зафатила секоја пора во општеството – индивидуалецот дефетистички почнува да верува во ова.
Свесно или несвесно, ефектот од научената беспомошност го знае и власта која има корист од чувството на беспомошност кај обичниот граѓанин. Таквата власт не пропушта прилика да ја засили истата со организирана пропаганда за демотивирање преку контролираните медиуми, партиските наративи и лагите, преку злоупотребата на институциите на државата, преку лажните вести, релативизирањето, историските ревизионизми, политичкиот прогон и јавното срамење на социјалните мрежи. Сето ова предизвикува збунетост, фрустрација, избрзаност, чувство на глупавост, нарушена самоувереност и самодоверба, посебно кај Македонците чии основни права се загрозени. За ефектот од научената беспомошност најдобро зборува епидемијата на коронавирусот од која штотуку почнувме да излегуваме. Поради катастрофалното (не)менаџирање на истата од страна на некомпетентната власт, поради нивното политизирање на ситуацијата и непотпирањето на науката, со носењето ненаучни мерки – секојдневно натпросечно се губеа човечки животи. Во тој период се повеќе и повеќе луѓе се откажуваа во борбата против КОВИД–19, се повеќе чувствуваа дека што и да направат залудно е, дека не можат да ги променат работите и едноставно се препуштаа на летаргија, пасивност и песимизам. Со еден збор, сето ова беше еден огромен општествен стресор кој создаваше, и сѐ уште создава научена беспомошност.
Но забележувате нели, клучниот збор е „научена“. Научената беспомошност во суштина е „когнитивна дисторзија“, односно необјективно и грешно проценување на ситуацијата. Фатализмот кој произлегува од сите политички, лични и општествени репетитивни трауми може да се редуцира преку ново согледување на проблемите, преку нивното нефаталистичко редефинирање, преку реформулирање на неуспесите и разочарувањата, преку согледувањето дека една трауматска ситуација е независна од друга ситуација која веројатно е нетрауматска, преку поттикнување на чувство за (само)вредност, (само)почит, преку (само)мотивирање и преку претставување на проблемите како предизвици наместо стресори. Самиот Селигман предлата „научен оптимизам“ како стратегија за соочување со научената беспомошност кој во основа промовира техники на објективно и рационално (ре)согледување на нештата, позитивистичка психологија и разбирање на сопствените емоции, особено оние негативните.
На крајот како заклучок, доволно е да сфатиме дека неуспехот од една нерешлива ситуација не смее да се генерализира и да се прифати како сеопфатна немоќ. Секоја нова ситуација треба да се третира засебно и секој нов проблем треба да се сфати како предизвик наместо како стресор. Создавањето на позитивни промени во сопствената когниција и перцепција е макотрпен процес, но за наша среќа, тоа е процес кој исто така може да се научи и совлада. Ако го разбравте концептот и теоријата позади научената беспомошност, ќе биде доволно за почеток. Се надевам дека прифаќаме дека постои и избор. Избор меѓу тоа да научиме дека сме беспомошни и да научиме дека можеме да направиме промени кон подобро, ценејќи се себеси и борејќи се, лично за самите нас и за општеството во коешто живееме.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.