Васко Шутаров

Нема поголема драгоценост во долгите јануарски ноќи од светлината и топлината. Семејните празници во кои се слави покрај домашното огниште, маалските свечености во кои се празнува покрај огнот или големите масовни празнувања на отворено и под ѕвездено украсеното небо, ја симболизираат драматичната борба на зимскиот мрак со раѓањето на новата сончева година. Во кристално чистите и јасни зимски ноќи, нашите стари во едни подруги времиња, нѐ воведуваа во тајните на ѕвезденото небо, покажувајќи ни во кои предели од непрегледниот небесен пејзаж да бараме одговори за тоа какво време може да очекуваме утре и следните денови, или точно во која ѕвезда треба да се загледаме и силно замислиме желба за остварување. А љубопитноста и потрагата по одговорите, зошто токму најголемото парче од небото се нарекува Млечен пат, зошто ѕвездите се групираат во Голема и Мала Мечка, Змија, Паун или Пегаз, за сите оние кои го однегуваа детето во себе, никогаш и не престанаа. Магијата на таа вечна љубопитност да се бдее во вжареното ѕвездено небо, природно се раѓаше токму во долгите студени ноќи од јануари.

Една таква ноќ, токму во јануари 1994 година, градот Лос Анџелес останува без електрична струја. Преплашени од силниот земјотрес што бил и причина за прекинот на струјата, граѓаните масовно, и во полицијата и во Грифит опсерваторијата, ја пријавувале застрашувачката појава од „сјаен бел облак“ кој бил надвиснат на небото над градот. Израснати во еден од најсилно осветлените американски градови, граѓаните на Лос Анџелес, никогаш до тој момент не успеале да го видат Млечниот пат на небото над својот град и вистински биле вознемирени од глетката на небото, ослободена наеднаш од светлините на велеградот.

Тоа се и години, во кои за прв пат јавно во светот се проговори за светлосното загадување, како еден од најголемите проблеми и предизвици на новото време, со несогледливи последици по природната животна средина.

Беа тоа години во кои ноќе над Македонија имаше и небо, имаше ѕвезди, а имаше и Млечен Пат под кој можевме да ја мериме и сенката на сопственото растење. Беа тоа и години, во кои силно се надвиснаа сенките на мрачната македонска транзиција, па првата млада македонска генерација, која не сакаше да ги валка и својата младост и своите знаења и вештини во неморалот и неправичноста на транзицијата, погледите и животните желби ги сврте наместо кон родното ѕвездено небо, кон привлечните светла на белосветските велегради. И цела една армија работници кои во транзицијата ги изгубија своите работни места, својата среќа ја побараа под светлата на некои далечни градови. Беа тоа и први години на соочување на младата македонска држава со сета суровост на глобалната реал-политика и меѓународната трговија со влијанија и интереси, кои легитимното барање за место под сонцето на новата држава го условија со отстранување на сонцето од знамето, древниот симбол на „Сонцето од Кутлеш“.

Денес, неполни триесет години потоа, „Темното Небо“ (или „Dark Sky“), станува највносна трговска и туристичка атракција во светот. Во меѓувреме, најмоќните глобални актери и трговци со местата под сонцето на помалите и не толку моќните држави и нации, ги изгубија своите неба, сосе нивните сонца!

Денес армија од туристи, љубители на чисто и јасно ѕвездено небо се во потрага по такво небо, како магичното јануарско небо од нашето детство. Затоа што денес, веќе 83 отсто од светската популација живее под лесно загадено небо, во кое само повремено може да се види понекоја ѕвезда или некој сателит кој кружи поблизу до земјината орбита. Денес, генерациите кои растат во прејако осветлените градови, веќе и не го познаваат вистинското ноќно небо. Младите не ни знаат што е тоа Млечен пат. Од големите градови може да се види само Месечината и големите планети, а послабите ѕвезди едноставно се „испрани“ од рефлексиите на силниот градски небесен фон.

Денес, светот веќе на големо зборува за нови цели и нови потраги по доживувања и возбуди поврзани со кристално јасните ѕвездени неба, посебно во руралните средини, преку создавање сосема нова атрактивна туристичка гранка која истовремено би овозможувала и еколошка и економска одржливост. Во 2021 година веќе се регистрирани повеќе од 180 такви сертифицирани меѓународни места за „темно небо“ во светот, од кои најблиску до Македонија се две места во Хрватска, Врани Камен покрај Дарувар и Петрова Гора.

Денес, бесплатното вжарено небо надвор од пренатрупаните туристички дестинации, станува првокласна туристичка атракција која анимира илјадници и илјадници туристи желни за изживување на своите мечти поврзани со љубопитноста во истражувањето на непрегледната ѕвездена шир. Годишните спектакли на метеорите, најдобрите места за ловење на северното или јужното светло, лансирањето ракети, помрачувањата на сонцето и месечината, значат и селење на армија туристи од една кон друга туристичка дестинација. Во време на светска пандемија и светска енергетска криза, потрагата по чисти и незагадени темни неба, станува уште толку бесценета туристичка атракција.

Истражувањата кои се вршат и во нашиот регион (Хрватска, Словенија и Србија), велат, дека за успех во развојот на оваа нова атрактивна туристичка гранка, меѓу најважните критериуми се креативноста, имагинацијата и иновативноста, а педантните словенечки научници пресметале точно која од државите членки на ЕУ по колку милиони евра троши за прекумерно и непотребно осветлување на своите територии.

Веб-локацијата www.lightpollutionmap.info пак, беспрекорно точно покажува каде луѓето најмногу ја „напаѓаат ноќта“ како празна територија за демонстрација на моќта на вештачки произведената светлина над природната светлина. Големи светлосни појаси снимени од НАСА и обоени во сите нијанси на црвено, ги детектираат земјините пространства со најинтензивно светлосно загадување. Тоа се простори кои немаат свое ѕвездено небо за набљудување. На картата на Европа, на пример, така обоени се Белгија и Холандија, северот на Италија, Португалија или Полска, каде поради прекумерното осветлување на автопатиштата, полската територија ја прави поинтензивно осветлена и од територијата на една Германија.

Во САД според проценки на експерти, 40 отсто од вкупното население кое живее во големите урбани конгломерати, воопшто нема развиено т.н. „ноќен вид“, затоа што за тоа немало ни прилика во услови на постојана преосветленост. Слична е ситуацијата во големите градови од Кина и градовите од азиските економски тигри, каде луѓето просто немаат ни небо, ни ѕвезди, ни сонце!

Набљудувајќи го светлосниот атлас на НАСА и спуштајќи го погледот кон Југоистокот на Европа, светлосната инвазија почнува да се намалува, посебно во Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија. На македонското небо поинтензивни светлосни дамки можат да се забележат единствено над Скопје, поголемите градови како Куманово, Кавадарци, Штип, Тетово, Охрид и Велес, како и на граничниот премин Богородица кај Гевгелија. А за останатите темни предели од македонското небо, некој ќе рече дека би биле идеални места за развој на новата туристичка гранка во силен подем и за армијата авантуристи во потрага по темни ноќи и ѕвездени неба. Но, дали е баш така?!

Си велам, (барајќи го одговорот, дали е баш така), толку ли не се најдоа достојни мажи и жени во македонската политика, кои ја зачувале и детската наивност и невиност и младешкиот пркос во себе, па на државата на која не така дамна и го одзедоа правото на избор на сопствено сонце, а во меѓувреме ја сместија длабоко во најтемниот агол на пр(е)осветленава Европа, барем преку таа темнина да се избореа за посветла иднина на своите сограѓани?!

Посебно кога станува збор за држава која може да се пофали со една од трите најстари и најмоќни мегалитски опсерватории во светот, како што е Кокино, земја која е веќе овековечена и во антологиски филмски кадри преку совршеното мариовско ѕвездено небо или овче-полското небо, небото над Бабино, над преспанско Коњско, Трпејца или Крушево, небото над Радика и Св. Јован Бигорски, или фотографски документирана преку безброј фасцинантни снимки на ѕвездени неба над езерата, планинските села, националните паркови, напуштените огништа и од истокот и од западот од државата.

Може ли Македонија токму од мракот, од темнината во која е потоната како држава, да им ги врати живоста и животот на бројните напуштени места, а со нив и да си врати барем дел од своите иселени сограѓани, кои би можеле најавтентично да ги раскажуваат локалните приказни за верувањата поврзани со кристално јасните јануарски неба од нивните детства?!

Ќе можеше Македонија веќе сигурно да се најде на мапата од 180 светски топ дестинации за темни и бесценети ѕвездени неба, да имаше политичари кои повеќе си го љубеа и се крстеа во сопственото ѕвездено небо, барем во подеднаква мерка во која што се колнеа во ѕвездите од американското и европското знаме. Ќе заживееше Македонија и преку своите темни ноќи и ѕвездени неба, да не се сплотеа политиката и одредени бизниси со кои редовно се труеја воздухот и животната средина и уште поредовно сместуваа дузина македонски градови меѓу топ најзагадените градови во светот. Ќе заживееше ако не се одлеваа милиони евра по бизарни „иновации“ за рецепти за староримски пици или твин-креветчиња по европски стандарди, во институција формирана токму да поттикнува креативност, инвентивност и иновации, еве и од ваков вид. Можеби веќе ќе заживееше, ако државата конечно се одважеше да одвои некој денар за науката и за бројните ентузијасти кои ја негуваат и професијата и љубовта кон истражувањата или набљудувањата на ѕвезденото небо. Или, ако ја поттикнеше Агенцијата за промоција и развој на туризмот и ги мотивираше и помогнеше локалните заедници за вмрежување и проактивно заигрување со бројните меѓународни организации кои се занимаваат со овие темни предели на небескиот свод. И пред сѐ, ако политичката елита беше пример за добар домаќински однос кон своето парче земја и своето парче небо и преку грижата за зачувувањето на здравата животна средина, од секој можен аспект, па и од најактуелниов, од светлосните загадувања.

А непоправливите сонувачи, кои и покрај сѐ, уште веруваат во чудата на јануарските празници, а за кои и најмногу го пишувам овој текст, нека и ова го разберат само како мал прилог, покрај вообичаените желби да останеме сите на број, во добро здравје и благосостојба и како една заедничка колективна желба за Македонија, да ја зграпчи ноќта и макар преку кристално јасните ѕвездени неба што сѐ уште се отвораат над неа, да пресоздава светлина за нашава и идните генерации.

Како велеше една пригодна здравица за животот и животното созревање: „и ѕвездите се судираат меѓусебно, но и од тие судири се раѓаат нови светови“

Светли, среќни и спокојни божиќни празници!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.