Петар Поп-Арсов
Приказната се повторува!
Советодавниот комитет на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства на Советот на Европа, во својот петти извештај повторно ја посочува Бугарија како земја во која постои недостаток на почитување на правата на националните малцинства и етничките групи. Тоа не е ништо ново! Состојбата е слична како и во претходните извештајни циклуси во кои Бугарија, како по правило, беше една од најкритикуваните членки на Советот на Европа во поглед на недоволното почитување и заштитата на малцинските права.
Со оглед на тоа што ова мислење беше публикувано на 10 октомври, сè уште е рано да се говори за тоа дали Бугарија има направено некаков напредок или повторно тоне во се подлабока кал во однос на заштитата и почитувањето на правата на националните малцинства. Потребно е малку повеќе време да се направи сеопфатна и темелна анализа на секоја точка, запирка или фуснота соддржана во извештајот. Потребно е да се направи компаративна анализа со соддржината на претходните мислења на Советодавниот комитет на Рамковната конвенција за тоа дали европските експерти овој пат биле поблаги или пак можеби пожестоки во критиките кон Бугарија во однос на заштитата на националните малцинства, вклучително и на Македонците.
Како и да е, факт е дека силните критики остануваат и во ова мислење на Советодавниот комитет. Тоа не е ништо ново и всушност претставува единствената константа која што ги карактеризира и обединува сите извештаи за Бугарија. Преведено на народен јазик, Бугарија се однесува по принципот „Кучињата лаат, караванот си врви“ во однос на сите досегашни мислења на европските експерти.
Тоа лесно може да се види од генералната оценка која вели дека: „… Не може да се забележи значителен напредок во текот на периодот на известување во спроведувањето на препораките за да се обезбеди ефективен пристап до правата на малцинствата содржани во Рамковната конвенција. Додека Бугарија играше сè поактивна улога во промовирањето на правата на лицата кои припаѓаат на бугарските малцинства во странство, истите напори не можат да се забележат внатре. Генерално, постои забележителен недостаток на свест за малцинските права како составен дел од човековите права. Немаше напори да се имплементираат голем број долгогодишни препораки во врска со прашања како што се принципот на слободна самоидентификација, поддршка за унапредување и заштита на правата на малцинствата, вклучително и на јазичните права, како и на неопходноста да се обезбеди целосна еднаквост на сите што живеат во Бугарија…“
Многу што се говори за сите малцинства во источниот сосед, но она што нас нè интересира е тоа што се говори за Македонците во Бугарија. Имено, во мислењето се вели: „Како и во претходните циклуси, лицата кои се идентификуваат како Македонци ја повторија својата долгогодишна желба да бидат заштитени според Рамковната конвенција, но бидејќи властите не го прифаќаат постоењето на објективни критериуми за нив, овие лица не можат да уживаат пристап до индивидуалните малцински права. Нивните долгогодишни обиди да регистрираат здруженија кои ја промовираат македонската заедница не беа успешни.“
Во продолжение извештајот вели: „ …Советодавниот комитет нагласува дека пристапот до правата и нивното ефективно спроведување се од огромно значење и мора да бидат од примарно внимание на властите. Имајќи го предвид пристапот на бугарските власти кон личниот опсег на Рамковната конвенција, Советодавниот комитет смета дека е клучно да се има прагматичен пристап кон лицата кои се самоидентификуваат како Македонци…“
Какво тело е Советодавниот комитет на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства? Кои се неговите ингеренции и која е неговата моќ? За да можеме пореално да согледаме како функционираат механизмите на Советот на Европа, потребно е да одговориме на овие прашања, но исто така потребно е да дадеме дополнителна перспектива на гледање со цел да може да се состави комплетната слика.
Имено, Советодавниот комитет е признато и високо почитувано тело во меѓународни рамки во областа на заштитата на националните малцинствата. Мислењата на Советодавниот комитет веќе претставуваат еден вид централна референца во работата на други меѓународни тела, како што е Високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ и Агенцијата за фундаментални права на Европската унија (FRA). Советодавниот комитет е составен од 18 независни експерти кои делуваат во лично својство како независни и непристрасни експерти.
Мислењата на Советодавниот комитет се усвојуваат во соодветно определена мониторинг процедура. Оваа процедура вклучува собирање на информации преку преглед и испитување на државните извештаи, алтернативни извори на информации, како и одржување на непосредни состаноци со претставници на владите, претставници на националните малцинства и други релевантни актери. Ваквите состаноци се одржуваат во самите земји членки.
По внимателно разгледување на ситуацијата во земјата, Советодавниот комитет усвојува мислење кое се доставува до надлежните органи на земјата членка. Земјите членки имаат можност да поднесат коментари во однос на мислењето во рок од четири месеци, по што коментарите и мислењето се објавуваат.
Од самиот документ кој што се однесува на Бугарија можеме да видиме дека истиот бил завршен и усвоен од страна на Советодавниот комитет на 29 мај оваа година, по што следела четиримесечна процедура на дијалог со засегнатата земја. Со неговото објавување на 10 октомври, конкретниот извештај за Бугарија станува јавно достапен.
Но, тука не завршува целокупната постапка. Истата продолжува на ново, овој пат политичко ниво кое што ја отсликува вистинската состојба и однос на Советот на Европа кон земјите членки и нивните постигнувања во областа на заштитата на националните малцинства.
Имено, врз основа на Мислењето на Советодавниот комитет, Комитетот на министри на Советот на Европа (највисокиот орган на Советот на Европа кој ги донесува одлуките во име на организацијата и во кој членуваат министрите за надворешни работи претставувани преку амбасадорите на земјите членки) отпрвин презентира Нацрт-Резолуција, која во некој разумен рок треба да биде разгледана и усвоена во вид на финален документ. Тоа е Резолуција на Комитетот на министри со заклучоци и препораки во однос на засегнатата држава. Ваквите заклучоци и препораки во понатамошна фаза треба да претставуваат обврска на засегнатата земја членка која што треба да работи на нивната имплементација.
Така се одвиваат работите во една нормална процедура. Во досегашните разгледувања на исклучително критички настроените документи за Бугарија, процедурата траеше со години, со ризик да се пробијат сите рокови и да се навлезе во терминот за следниот циклус на евалуација од страна на Советодавниот комитет. Проблемот на Бугарија во случајот со Нацрт-Резолуциите на Комитетот на министри е тоа што истите мора да го отсликуваат мислењето на Советодавниот комитет на Рамковната конвенција и како такви не можат да претрпат никаква промена доколку на тоа се спротивстави макар и една земја членка.
Тоа значи дека, доколку не постои разумно срочен текст кој ќе ги задоволи ставовите на сите земји членки, вклучително и Македонија, усвојувањето на Резолуцијата за Бугарија нема да може никогаш да се усвои. Ваквиот режим важи за сите земји, но во текстов говориме за Бугарија како земја која е свежо евалуирана. Од тие причини, Бугарија, земјата која има концепт на државно уредување кој не признава постоење на национални малцинства во исто време членува и во Рамковната конвенција има сериозен проблем со балансирање на сопствените интереси. Од една страна сака да се грижи за сопственото национално малцинство во странство, а од друга не води соодветна грижа за правата на другите.
Ваквото однесување не е случај со Грција, ниту со Франција, земји кои имаат сличен пристап како Бугарија во однос на националните малцинства. Имаат сличен пристап, но затоа тие не се членки на Рамковната конвенција и со тоа не се плеткаат директно во прашања кои се од интерес на делувањето на Конвенцијата. Тоа е разликата меѓу нив.
Бугарија сака да седи на две столици и од тие причини воопшто не зачудува констатацијата на Советодавниот комитет, нотирана уште на почетокот на текстот на Мислењето дека Бугарија игра сè поактивна улога во промовирањето на правата на лицата кои припаѓаат на бугарските малцинства во странство, а истите напори не ги прави во сопствената земја. Тука е целата иронија на бугарското членување во Рамковната конвенција, а таквото однесување претставува компромитирање на сите постигнувања и вредности на Советот на Европа во областа на заштитата на малцинските права.
Од она што до сега беше изнесено, можеме слободно да кажеме дека Советот на Европа и Рамковната конвенција се корисна алатка во рацете на Македонија. Тоа е средство со кое нашата земја може да се залага и бори за заштитата на правата на Македонците во соседството и пошироко. Тоа е мултилатерален механизам кој може да се применува врз принципиелна основа како заложба на земјата за општа заштита на правата на националните малцинства насекаде низ континентот, вклучително и на Македонците во соседството. Таквата можност ја пружа самото членство во Конвенцијата, но и во останатите договори од овој тип. Со ваквиот пристап не се нарушуваат билатералните договори кои бевме приморани да ги прифатиме со целата своја асиметричност.
Кога зборуваме за Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија, може слободно да кажеме дека секоја интервенција или заложба за заштита на малцинските права во рамки на Советот на Европа, на никаков начин не може и не смее да се толкува како прекршување споменатиот договор. Всушност самиот договор во членот 14 „се поклонува“ пред меѓународните договори и вели дека истиот „на никаков начин нема да биде толкуван така што ќе противречи на билатералните и мултилатералните договори“, кои што Македонија и Бугарија ги имаат прифатено.
Независно од неговата асиметрична соддржина и доминација на бугарските ставови во делот на билатералните односи меѓу двете земји, Македонија преку Рамковната конвенција сè уште има исклучително силна алатка во своите раце за да води грижа за Македонците во Бугарија врз принципиелна основа, токму како една од земјите кои што се залагаат за почитување на вредностите и стандардите на Советот на Европа. Впрочем, оваа алатка и принципиелната основа на делување им овозможуваат на сите земји членки на Конвенцијата да го прават истото насекаде низ континентот, независно од тоа дали се работи за заштитата на малцинските права на Балканот, Скандинавија или пак во некоја од островските земји или централниот дел на Европа.
Борбата за заштитата на македонските правдини никогаш не смее да застане и истата мора да продолжи да трае на секаков начин, вклучително и со ползување на сите мултилатерални алатки кои што ни стојат на располагање.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.