Претседателот на Македонија уште еднаш изрази цврсто уверување дека идентитетот на македонскиот народ и граѓаните на Македонија е заштитен секој работен ден од 14 до 15 часот, додека пак за викенди овој период е поместен од 03 до 06 часот наутро.
Тој потврди дека ваквиот договор кој го случил со бугарските власти е огромна придобивка за Македонија и Македонците.
„Овој голем, повторувам – голем успех е недвосмислено резултат на нашата макотрпна работа, особено моја бидејќи јас, повторувам – јас учествував во создавањето на овој договор за заштита на идентитетот“, тврди Пендаровски.
Повеќе никој во периодот од 14 до 15 часот во текот на работната недела не ќе може да го негира идентитетот на Македонците, ниту пак македонскиот јазик.
„Тоа значи дека идентитетот е бетон секој ден од 14 до 15 часот кога е период за постепено намалување на работниот циклус, подготовки за ручек или што знам, можеби, повторувам – можеби ручек, па во тој период луѓето ќе имаат што би се рекло дупло уживање, и гурманско, што ќе рече со убава храна и вино да се реласираат и да се чувствуваат како Македонци со сопствена историја, култура и јазик без никој тоа да може да им го оспори“, вели Пендаровски.
Според него, Бугарите се согласиле да донесат декларација со која ќе им се забрани на нивните жители да мислат на Македонија во работни денови од 14 до 15 часот, односно од 15 до 16 часот во бугарската временска зона, а за викендите тој период е уште поголем, дури три часа ќе смееме да сме Македонци со сопствен идентитет, различен од бугарскиот.
Договорот на Пендаровски го поздрави и премиерот Димитар Ковачевски Таче кој го посочи Пендаровски како новиот Никола Карев кој, како што знаел Ковачевски од сопствени извори, на Македонците со договор им овозможил 10 дена да имаат република.
„Договорите со јасно прецизирани временски детерминанти се одлична можност да си го заштитиме идентитетот, да го славиме АСНОМ или да имаме република“, вели Ковачевски и додава:
„И историската комисија е на добар пат да постигне голем успех и по сличен начин да се донесат заклучоци заедно со бугарските историчари дека на овие простори имало луѓе и меѓу 7 век и 1944 година кои неколку часа во денот се чувствувале како Македонци, само во моментов се води дебата во кои денови од овие 1300 години може тоа да се дозволи. Во игра се 12 април 943-та година, 27 јули 1038-на, 15 јануари или 16-ти не ме држете за збор 1497-ма година и најверојатно некој ден меѓу први и втори мај 1756-тата“, додаде Ковачевски.
По повод овој голем успех се планира голема прослава организирана од владата во сабота од 14 часот и ќе трае 45 минути, како гест на добра волја и со цел да не се прекрши новиот блескав меѓународен договор.
*** Целта на „Двоглед“ е да се сврти вниманието на одредени појави во општеството. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна.
*** The aim of "Dvogled" is to draw attention to certain phenomena in society. Any similarity to actual persons and institutions is merely coincidental.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.