
„Матица македонска“ објави уште едно издание со коешто ја чествува 35-годишнината од формирањето – книгата „Македонски литературни оази“ од Стефан Влахов-Мицов. Книжевната наука добива исклучително важно дело коешто покажува дел од македонските литературни оази во различни периоди од македонската историја и од борбата за нивното зачувување и опстојување.
Книгата на Влахов-Мицов е составена од три целини: „Македонски духовни оази во време на ропство и окупации“, „Светски дострели во македонски дух“ и „Предупредувања за иднината“.
Во првиот дел на „Македонски литературни оази се претставени творечките профили на Ѓоргија Пулевски, Крсте Мисирков, Никола Вапцаров и Кочо Рацин.
На фонот на македонските книжевници во вториот дел на XIX век, Ѓоргија Пулевски е неповторлива појава. Како што подвлекува Влахов-Мицов, од една страна, тој не дава изјави паушално врз одделните белези на нацијата: јазикот, територијата, историјата, итн, туку дава целосен концепт за македонскиот народ и нација. Од друга страна, македонскиот народ и нација се поставени во контекстот на словенските народи и на останатите народи во светот. Потврда за тоа се трудовите на Пулевски на коишто Влахов-Мицов се осврнува во обемна студија поместена во книгата.
Главниот акцент во профилот на Крсте Мисирков, и во „Македонски литературни оази“ е ставен на книгата „За македонцките работи“ каде што се претставени најсуштинските теоретски и практични проблеми пред Македонците и Македонија. Како што нагласува и Влахов-Мицов, постои континуитет меѓу определбата на Пулевски за македонски народ, македонски јазик – македонска татковина и идеите на Мисирков за национална македонска држава. Вистинското визионерство на Мисирков, и според студијата во оваа книга е во оцртувањето на патот од нација кон политичко ослободување и неговата кодификација на македонскиот јазик.
Во „литературните оази“ на Стефан Влахов-Мицов, преку Никола Вапцаров и Кочо Рацин е продолжен македонскиот духовен континуитет од XIX век во лицето на Ѓоргија Пулевски и Прличев и на македонската емиграција во почетокот на XX век со Крсте Мисирков и Димитрија Чуповски. Со Вапцаров и Рацин, како што нагласува Влахов-Мицов, се враќа времето на синтеза на интелектуалец-револуционер, какво што е времето Ѓоргија Пулевски.
Вториот дел од книгата насловен „Светски дострели во македонски дух“ ги претставува профилите на творците Ацо Шопов, Блаже Конески и Петре М. Андреевски. Се анализираат клучните творби на Ацо Шопов и поентата во нив. „Македонија е во светот, а светот во Македонија“; „Македонија е судбина на светот, светот е судбина на Македонија“; „Во Македонија се збиднуваат и се прекршуваат сите дилеми на светот, а светот е бремен од проблемите на Македонија“ и „Македонија ја дели судбината на светот, а светот се судира со безброј македонски судбини“ се само дел од поетските пораки на Шопов што одделно го задржуваат интересот во анализите на Влахов-Мицов.
Посебно внимание во книгата им е посветено на творбите на Блаже Конески – патријархот на новата македонска култура, како што го нарекува и Влаов-Мицов, а одделно е анализирана и „темната вселена“ на Петре М. Андреевски, претставена во неговите книги „Дениција“, „Пиреј“ и „Небеска Тимјановна“.
Третиот дел на книгата насловен „Предупредувања за иднината“ го анализира творештвото на Анте Поповски, за кого Влахов-Мицов ќе истакне дека е непокорен лиричат, на Гане Тодоровски и на Раде Силјан. Општото меѓу нив, според согледбите на Влахов-Мицов се пророчките видувања за Македонија, кои, за жал, се реализираа.
„Македонски литературни оази“ од Стефан Влахов-Мицов е само едно од многуте изданија важни за македонската книжевност, лингвистика, култура и воопшто национална историја, коишто „Матица македонска“ ги објавува по повод големиот јубилеј – 35 години од основањето на првата издавачка куќа во самостојна Македонија.

Македонски


