Skip to main content

Трамп укинува дел од царините за шкотското виски по средбата со Чарлс Трети

Претседателот на САД Доналд Трамп изјави дека укинува одредени царини за шкотското виски по посетата на британскиот крал Чарлс Трети и кралицата Камила на Белата куќа оваа недела.

„Кралот и кралицата ме натераа да направам нешто што никој друг не успеал, и тоа речиси без да побараат!“, напиша Трамп на социјалните мрежи.

Американскиот претседател наведе дека промената е направена по барање на јавноста, особено во однос на дабовите буриња во кои стареат жестоките пијалаци како скоч и бурбон.

Трамп минатата година се закани со царина од 200 проценти за европското вино – сериозен потенцијален удар за француските и италијанските лозари, кој сепак не се реализираше. Другите земји возвратија со закани за воведување царини за бурбон и за други американски производи.
На крајот, администрацијата на Трамп ги олесни тарифите и за плутата – материјалот што се користи за затворање на шишињата – што претставува значително олеснување за Португалија, водечки снабдувач на овој материјал.

Крис Свонгер, претседател и извршен директор на Советот за дестилирани алкохолни пијалаци на САД, ја протолкува објавата на Трамп како укинување на десетпроцентната царина за виски од Обединетото Кралство.

– Го поздравуваме претседателот Трамп за неговата работа во обновувањето на докажаниот модел ’нула за нула‘ на фер и реципрочна трговија меѓу нашите две нации – изјави Свонгер. – Оваа одлука ги зајакнува трансатлантските врски, носи неопходна сигурност за нашата индустрија и им овозможува на производителите од двете страни на Атлантикот да се развиваат, да инвестираат и да ги задржат работните места во клучен момент – додаде тој. 

Поврзани вести