Skip to main content

Судот ја поништи одлуката на Трамп за такса од сто илјади долари за H-1B визи

Федерален судија во САД ја поништи како незаконска одлуката на претседателот Доналд Трамп која предвидуваше апликантите за H-1B визи да плаќаат такса од сто илјади долари.

Судијата Лео Сорокин оцени дека американскиот претседател нема надлежност самостојно да воведува такви финансиски давачки во рамки на имиграцискиот систем, бидејќи тоа е надлежност на Конгресот.

Во образложението се наведува дека предложениот износ претставува такса, а не административна мерка каква што може да воведе извршната власт. Според Судот, Конгресот не му дал на претседателот овластување да воведува нови имиграциски давачки.

Тужбата против уредбата ја поднесе коалиција на државни правобранители од сојузни држави што се под контрола на Демократската партија.

Администрацијата на Трамп претходно тврдеше дека има право да ја измени политиката за H-1B програмата, со образложение дека таа е честопати злоупотребувана.

H-1B визата им овозможува на странски високообразовани професионалци како инженери, лекари, ИТ и други експерти да работат во САД. Визата важи три години и може да биде продолжена.(МИА)

Поврзани вести