Skip to main content

Трамп: Не придаваме преголемо значење на повторното отворање на Ормуската Теснина

Американскиот претседател Доналд Трамп ја минимизира важноста на повторното отворање на Ормуската Теснина, додека дипломатски договор со Иран сè уште нема, објави американскиот портал „Аксиос“.

– Не ѝ придаваме преголемо значење, го цитира „Аксиос“ Трамп, кој тоа го изјавил во телефонски разговор за порталот. Трамп истакна дека САД нема целосно да се посветат на преговорите со Иран.

– Со нив преговараме само делумно. Само го набљудуваме Иран со неговата огромна инфлација и фактот дека нема пари – изјави Трамп за „Аксиос“, тврдејќи дека американската поморска блокада на иранските пристаништа ја влошила ситуацијата.

– Сè ќе се реши. Секогаш се решава. Тоа е како шаховска партија – изјави Трамп за преговорите со Иран.

„Аксиос“ пренесува и изјави на американски официјални лица кои тврдат дека претседателот е фокусиран на деескалација.

Израелскиот експерт за Иран, Дени Цитринович, на социјалната мрежа Икс напиша дека економската состојба во Иран несомнено е лоша, но дека е малку веројатно економскиот притисок сам по себе да го принуди Техеран да капитулира на преговарачката маса или да се откаже од клучните стратешки интереси, како што е барањето за контрола над Ормуската Теснина.

Иран во последните денови ги намали очекувањата за брзо повторно отворање на клучниот поморски пат. Иранското раководство побара од САД значителни отстапки однапред пред деблокирањето на теснецот, кој е од клучно значење за меѓународната трговија со нафта и гас.

Иранскиот Врховен совет за национална безбедност повторното отворање на теснецот го поврза со неколку услови, меѓу кои укинување на американската поморска блокада, повлекување на американските сили од регионот, целосно укинување на сите санкции против Иран и безусловно ослободување на целиот замрзнат ирански имот.(МИА)

Поврзани вести