Skip to main content

Парното поскапува од јануари: Скопјани ќе плаќаат повисоки сметки за 7,5 проценти

Скопјани од 1 јануари 2027 година ги очекува ново поскапување на парното греење. Според пресметките од предлог-одлуките објавени на веб-страницата на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), за најголем дел од домаќинствата цената на греењето ќе се зголеми за околу 7,5 проценти.

Поскапувањето од 7,5 проценти се однесува на домаќинствата кои се снабдуваат со топлинска енергија преку „ЕСМ Снабдување“, но и на корисниците приклучени на мрежата на „Скопје Север“, со која сега управува приватната компанија „Енерџи Еколинк“.

Повисоки сметки ќе добиваат и домаќинствата кои се загреваат преку „ЕСМ Енергетика“, односно таканареченото железарско парно. За нив е предвидено зголемување на цената од 7,2 проценти.

Уште поголемо поскапување се предвидува за недомаќинските потрошувачи, односно фирмите и другите правни лица кои користат централно греење. Според предлог-пресметките, за нив цената ќе се зголеми за околу 13 проценти.

Како главна причина за новото поскапување во документите на РКЕ се наведува растот на цената на природниот гас. Сепак, од објавената документација не може прецизно да се утврди по која набавна цена е пресметан природниот гас, ниту по која цена ќе се откупува топлинската енергија од ТЕ-ТО.

Доколку бидат усвоени предложените тарифи, новите цени ќе се применуваат од 1 јануари 2027 година.

Ова ќе биде трето поскапување на парното во период од една година. Со претходните две корекции, цената на греењето веќе беше зголемена за вкупно околу 11 проценти, а новото поскапување дополнително ќе ги оптовари домашните буџети среде грејната сезона.

Поврзани вести