Skip to main content

Ново од Ми-Ан: „Приказни од јазикот“ од Емил Ниами

Деновиве, во издание на Книгоиздателството Ми-Ан, од печат излезе лексикографскиот труд на Емил Ниами „Приказни од јазикот“

Книгата, на популарен и релевантен начин одговара на прашањето: „Што се крие зад зборовите што секојдневно ги изговараме?“ Во неа ќе најдете одговори на прашањата: Зошто велиме „Ахилова пета“, „Пирова победа“, „Авгиеви штали“, „петта колона“ или „седмо небо“? Какви приказни, митови, историски настани и човечки судбини се кријат зад изразите што толку често ги употребуваме, а толку ретко се прашуваме од каде потекнуваат?

Токму во потрага по одговорите на овие прашања настанува книгата „Приказни од јазикот“ од Емил Ниами. Таа ги води читателите на едно возбудливо патување низ историјата, митологијата, книжевноста и културата, откривајќи им ги необичните и понекогаш сосема неочекувани потекла на познатите зборови и фразеолошки изрази. Секоја приказна носи ново сознание, изненадување и можност познатото да го погледнеме од поинаков агол.

Насловот „Приказни од јазикот“ не е случаен. Ова не се само приказни за јазикот, туку приказни што самиот јазик ги зачувал и ги пренесувал низ вековите. Како што истакнува рецензентот, проф. д-р Бобан Карапејовски: „Тоа се приказни што јазикот ги зачувал: приказни што преживеале империи, религии, војни, книги и луѓе.“ Зборовите така се претвораат во мали временски капсули, во кои се чуваат човечкото искуство, колективното паметење и културното наследство.

Посебна убавина на книгата ѝ даваат илустрациите на академската сликарка Ена Налбантиќ, кои ја придружуваат секоја приказна и ѝ даваат препознатлив визуелен идентитет. Благодарение на нив, читањето станува и визуелно доживување.

„Приказни од јазикот“ е книга за сите љубопитни читатели, за оние што сакаат да откриваат, да дознаваат и да се изненадуваат. Книга што ќе нè потсети дека зад секој збор може да се крие цел еден свет и дека понекогаш е доволно само да прашаме: од каде потекнува ова?

Зашто, како што сугестивно заклучува Карапејовски во поговорот: „Си беше еднаш една приказна. А, потоа приказната стана збор. И би збор. И сè уште трае.“

Емил Ниами (Скопје, 1977) е доктор на филолошки науки. Во 1999 година дипломирал на групите за руски јазик и книжевност и за американски студии на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Во 2007 година ја одбранил магистерската работа „Паронимите во македонскиот и во рускиот јазик“, а во 2010 година докторската дисертација „Антонимите во рускиот и во македонскиот јазик“.

До 2007 година работел во А1 Телевизија на различни позиции, а од 2007 до 2011 година предавал македонски јазик на Московскиот државен универзитет „М. В. Ломоносов“. Автор е на „Речникот на паронимите во македонскиот јазик“ (2020), „Речникот на антонимите во македонскиот јазик“ (2021) и „Речникот на хомонимите во македонскиот јазик“ (2022), како и на монографиите „Вовед во славистиката“ и „Семонимите во македонскиот јазик“. Главен редактор е на „Речникот на медиумска писменост“.

Во 2025 година, во соавторство со Елена Верижникова, колешка од Московскиот државен универзитет „М. В. Ломоносов“, во издание на Книгоиздателството „Ми-Ан“ ја објавил монографијата „Македонска лексикографија: достигнувања и перспективи“. Неговата библиографија опфаќа неколку десетици научни трудови и повеќе од 30 преводи на македонски јазик. Во 2021 година ја добил наградата „13 Ноември“ за наука.

Научниот интерес на Ниами е насочен кон лексикографијата, лексикологијата, социолингвистиката и традуктологијата.

Во моментов работи во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје.

Поврзани вести