Skip to main content
WGKiI3FDbbE

Д-р Дохчев: Голем број пациенти чекаат орган за трансплантација, да се подигне свеста за органодарителството

Апелирам до сите граѓани во државава да се подигне свеста за органодарителството, затоа што голем број пациенти чекаат за добивање на орган за трансплантација, нагласува д-р Сашо Дохчев, хирург од Универзитетската клиника за урологија, во денешното соопштение на Министерството за здравство.

Како што пишува во соопштението, тој дава поддршка на кампањата, потенцирајќи ја успешната приказна во процесот на трансплантација на бубрези што датира уште од далечната 1977 година.

-Органодарителството претставува највисок чин на човекољубие, нема поголема вредност за човештвото воопшто. На Клиниката за урологија, ние имаме историски успешна приказна во процесот на трансплантација на бубрези. Приказната датира уште од далечната 1977 година, кога е направена првата трансплантација. Досега имаме направено 530 трансплантации, од кои 99 се од кадавер, односно починат пациент. Иако ова се импозантни бројки за Македонија, сепак се недоволни да ги задоволиме потребите на нашите пациенти за органи. Кај линвиг-донор трансплантацијата, мотивацијата кај донорите е многу поголема затоа што донираат орган за својот најблизок член на фамилијата. Меѓутоа, кога се работи за кадаверична трансплантација, тука имаме недоволен број на регрутирани донори, што зависи од нас самите граѓани – наведува Дохчев во пишана изјава.

Тој додава дека ние сме потенцијални дарители на органи по нашата смрт.

-Затоа апелирам до сите граѓани на нашата држава да се подигне свеста за органодарителството, затоа што голем број на пациенти чекаат за добивање на орган за трансплантација. Од еден починат донор може да се спасат четири нови животи, ако се направи успешна трансплантација. Тоа се два пациенти што ќе добијат бубрези, да се спасат и да живеат нормален и убав живот. Еден пациент со црн дроб и еден пациент со трансплантирано срце – посочува д-р Дохчев.

Министерството за здравство наведува дека заедно со сите чинители продолжува со оваа кампања, што се реализира под мотото „Органодарителството ѝ дава највисока смисла на човечноста“.

Поврзани вести