
Пелистер ги постави темелите за нов почеток, откако на редовното годишно собрание избра ново раководство и го назначи Тане Спасев за тренер на сениорскиот тим, пренесува МКД.мк.
Бојан Давков, поранешен капитен на битолчани, е нов претседател на клубот, додека функцијата спортски директор му припадна на Предраг Созовски, кој во минатото беше дел од Пелистер и како кошаркар и како тренер. Избран е и нов Управен одбор, а по заминувањето на досегашниот спонзор, единствен сопственик на клубот останува Општина Битола.
Новото раководство веднаш го реши и тренерското прашање. Клупата ќе ја преземе Тане Спасев, кој се враќа во македонската кошарка по повеќегодишна работа во странство. Во кариерата беше дел од стручните штабови на Химки, Турк Телеком и Кривбас, самостојно ги водеше Асеко Проком и Легија Варшава, а последните ангажмани ги имаше во Романија и Полска.
Спасев потпиша едногодишен договор и веќе работи на формирањето на тимот за новата сезона. Од Пелистер најавуваат дека наскоро ќе бидат промовирани и првите засилувања, а официјалното претставување на новиот тренер ќе се одржи пред стартот на подготовките.
Извор: МКД.мк

Македонски



