
Претседателот на српската Општина Бујановац Арбер Пајазити изјави дека албанскиот конзулат во Бујановац наскоро ќе стане реалност, додавајќи дека за тоа прашање подолго време се разговара со албанските дипломатски претставници и институциите во Тирана.
Како што пренесува порталот „Бујановачке“, Пајазити оцени дека поврзувањето на отворањето на албанскиот конзулат во Бујановац со можноста Србија да отвори конзулат во Скадар не е во согласност со реалноста, демографските околности и политичките процеси во регионот.
Тој рече дека прашањето за конзулатот било составен дел од неговите разговори со албанскиот амбасадор во Белград, Бардил Цанај, како и со институциите во Тирана, каде што се разговарало и за техничките аспекти за воспоставување дипломатско претставништво на Албанија во Бујановац.
Пајазити додаде дека, со овластување од албанската дипломатска мисија, темата ја покренал и на средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ на 20 април во Белград.
Дополнителна координација, според него, била остварена и на 3 јуни во Тирана на средба со албанскиот министер за Европа и надворешни работи, Игли Хасани.
Присуството на институциите на Албанија во Прешевската Долина, особено во Бујановац, е неопходност што произлегува од реалните потреби на граѓаните и од нашите историски, национални, културни и семејни врски – истакна Пајазити.
Тој оцени дека евентуалното отворање српско дипломатско претставништво во Скадар е прашање на дипломатски реципроцитет и затоа не треба да се третира како исто прашање.
Пајазити порача дека локалната самоуправа ќе продолжи да соработува со институциите и дипломатијата на Албанија за зајакнување на нејзиното присуство во Прешевската Долина.

Македонски


