
Рускиот претседател Владимир Путин потпиша закон со кој се воведуваат привремени рестриктивни мерки за руски државјани што живеат во странство, се осудени во отсуство и, според властите, „избегнуваат извршување на казната“, објави порталот „ЕУалајв“ (EUalive).
Законот, потпишан на 4 август, стапува во сила веднаш по неговото објавување во Службен весник.
Законот се однесува на лица надвор од Русија осудени по кој било член од Кривичниот законик, како и на оние против кои се донесени правосилни административни одлуки врз основа на политички чувствителни одредби, меѓу кои се „дискредитирање“ на вооружените сили, прекршување на правилата за статусот „странски агент“, учество во „непожелни организации“, повици за воведување санкции против Русија или оспорување на нејзиниот територијален интегритет.
Министерството за правда ќе води посебен регистар на овие лица, а главниот обвинител или неговиот заменик ќе има право да ги внесува во него.
По впишувањето во регистарот, лицата ќе се соочат со замрзнување на банкарските сметки во Русија, блокирање на електронското банкарство и трансферите на пари, забрана за продажба или пренос на имот и возила, ограничување на користењето на државниот портал за услуги и електронски потпис, како и со ускратување на поголемиот дел од конзуларните услуги во странство, вклучително и издавање или обновување меѓународни пасоши. Единствен исклучок е издавањето потврда дека лицето е живо.
Мерките вклучуваат и забрана за регистрација како претприемач или самовработено лице, добивање кредити, користење државни бенефиции и овластување други лица да постапуваат во нивно име.
По 24 февруари 2022 година, стотици илјади Руси ја напуштија земјата. Конзервативните проценки говорат дека околу 650.000 сè уште живеат во странство, додека пошироките проценки се движат од 800.000 до повеќе од еден милион лица.
Најголемиот бран иселување следуваше по одлуката на Путин за делумна мобилизација на 21 септември 2022 година, кога, според проценките, меѓу 300.000 и 400.000 воено способни мажи ја напуштиле земјата за да избегнат регрутација.

Македонски


