
Министерот за здравство Сашо Клековски во „Вести плус“ на телевизија „Канал 5“, изјави дека недостигот на анестезиолози и радиолози е еден од најголемите предизвици во македонското здравство и не може да се надмине за краток период, бидејќи станува збор за специјализации што траат шест години.
Морам да кажам дека експериментот со приватните специјализации направен во 2018 – 2017 година не ги даде посакуваните резултати, односно не се запишуваа приватни специјализации што кај нас се потребни, туку тоа што докторите го сакале. Така да, сега повторно имаме многу кардиолози, многу пластична хирургија, а малку патологија, малку анестезиологија, малку радиологија“, истакна Клековски.
Министерот истакна дека Владата ќе продолжи со инвестиции во здравствениот систем, при што врвен приоритет останува завршувањето на Клиничката болница во Штип, како и на другите болници опфатени со проектот, паралелно со подобрување на условите во Клиничкиот центар во Скопје и во останатите јавни здравствени установи.
Продолжуваме со зголемување на бројот на здравствени работници. Значи, пред неколку години, пред Короната, имаше 20.000 здравствени работници во јавното здравство, 2024-та ја дочекавме со 18.000, 2025-та ја зголемивме на 18.900. Сега вработуваме 300 нови млади специјализанти. Се надевам конечно ќе се дозаврши процесот на вработување на договорците“, додаде министерот.
Тој нагласи дека никој не смее да работи, а особено не во здравство, на договор на дело.
Мислам дека првото што го направивме, го направив како директор на Фондот за здравство, што ќе биде и еден од приоритетите сега, е подобрување на пристапноста на лекови. Ние имаме катастрофална состојба во однос колку граѓаните плаќаат од џеб за лекови. И тоа е врвен приоритет и тоа планираме понатаму да го работиме. Јас го најавив тоа како директор, сега можам да го потврдам и како министер – ќе има натамошно проширување на Позитивната листа со лекови кои се модерни и се поголемо оптеретување за буџетот на граѓаните. Бидејќи мораме да најдеме начин да се фокусираме на почетокот, а не само на крајот. Јас често говорам, зградите и капиталната опрема е популарна кај политичарите заради фото-можност, меѓутоа во основа нас ни е потребно да спуштиме што повеќе од здравствените услуги на почетното ниво“, истакна тој.
Министерот кажа дека тоа го вклучува и пристапот на лекови што се наменети или за превенирање на состојбите или за спречување на компликации.
Нема да биде едноставно, има објективни проблеми, меѓутоа работиме на тоа. Соодветен фокус ќе биде и подобрување на состојбите во Клиничкиот центар. Да, ние веќе работиме на нов, меѓутоа до новиот мора да има подобри услови, вклучувајќи и услови за закажување и за чекање во Клиничкиот центар. И сето тоа мислам дека можеме да го завршиме во наредните шест месеци – да имаме нови лекови на позитивна листа и да имаме видливи подобрувања во Клиничкиот центар“,дециден е Клековски.

Македонски


