
Со години спорот меѓу Македонија и Бугарија се води околу минатото. Но денес, за првпат, тежиштето се поместува кон нешто што е многу потешко да се негира… правото и човековото достоинство.
Долго време односите меѓу Скопје и Софија се анализираат речиси исклучиво низ призмата на историските несогласувања, учебниците, јазикот и националните наративи. Ваквите наративи се толку многу застапени што имаат клучно влијание врз македонските евроинтеграции последниве години. Поради тие причини, во македонската јавност доминира силен впечаток дека станува збор за наметнат спор од бугарската страна. Во исто време, Бугарија се труди со сите сили и средства да наметне перцепција во очите на Брисел дека токму нејзината приказна е онаа вистинската.
И, како понатаму?
Тука има еден сериозен проблем за Бугарија. Пресудите на Европскиот суд за човекови права од Стразбур. Тоа не се пресуди на македонските судови, туку пресуди на врвна европска институција која го има кажано својот збор врз основа на сите правни начела и вредности кон кои се обврзани Македонија и Бугарија. Повеќе од деценија и пол, а во некои случаи и речиси две децении, постојат правосилни пресуди од Судот во Стразбур со кои јасно се утврдува дека е прекршено правото на слобода на здружување на луѓе кои себе си се идентификуваат како Македонци во Бугарија.
Суштината на тие пресуди е едноставна, никој нема право да му забрани на човек да се здружува мирно, да го негува својот идентитет и да се организира за заштита на своите права, се додека тоа го прави во рамките на законот и без повик на насилство.
Ова особено добива на тежина ако се земе во предвид последниот став на Комитетот за човекови права на Обединетите Нации, со кој се покажува дека овој спор повеќе не може да се третира само како политичко несогласување меѓу две соседни држави. Комитетот за човекови права на ООН јасно ги потврдува наодите на Судот во Стразбур, за тоа дека Бугарија го прекршува правото на слобода на здружување на сопствените граѓани кои се декларираат како Македонци. Со тоа се добива уште една потврда дека станува збор за прашања поврзани со кршењето на човековите права, институционална дискриминација и отсуство на доследност во примената на европските стандарди во Бугарија.
Додека од една страна Бугарија ја блокира Македонија на патот кон ЕУ барајќи Бугари во државава, од друга страна и се „случуваат“ меѓународни институции, на кои и самата им припаѓа, и кои без задршка посочуваат дека проблемот е во Бугарија. Нивните наоди укажуваат на сериозни институционални слабости кај нашиот сосед.
Судот во Стразбур толку многу пати е посочуван како аргумент во односите меѓу Скопје и Софија, што веќе претставува неизоставен дел од тие односи. Затоа, последната одлука на Комитетот за човекови права на Обединетите нации е исклучително значајна од причина што го бетонира ставот на Стразбур. Таа не е само уште еден формален документ во долгата листа меѓународни забелешки, туку силен сигнал дека проблемот е реален, системски и веќе не може лесно да се игнорира.
Покрај тоа што Комитетот утврди дека одбивањето регистрација на здружение на етничките Македонци претставува повреда на слободата на здружување, уште поважно е тоа што Комитетот побара конкретни чекори, односно преиспитување на бугарските одлуки, правна сатисфакција и гаранции дека слични случаи нема да се повторуваат.
Ова е клучниот момент што ја менува природата на спорот меѓу Скопје и Софија. Бугарија досега цврсто настапуваше од позиција на земја членка на Европската унија која инсистира на европски стандарди, исполнување обврски и усогласување со заедничките вредности. Таа позиција и дава значителна политичка тежина во процесот на македонските евроинтеграции дури и со примена на правото на вето. Но, кога токму една земја членка на ЕУ е предмет на сериозни критики за непочитување на пресуди од највисоки европски и меѓународни институции, тогаш нејзиниот морален и политички авторитет неминовно се доведени во прашање.
Затоа, на сцена треба да стапат механизмите на ЕУ за да не дозволи самата да биде заложник на билатерализација на сопствениот процес на проширување. Со таквото заложништво се доведува во прашање способноста на ЕУ да се справи со наметнатите проблеми во сопствените редови. ЕУ треба да е свесна дека одлуката на Комитетот на ООН му дава глобална димензија на македонското прашање и го изнесува надвор од европскиот двор. Оваа одлука, покрај тоа што ја става Бугарија под дополнителен меѓународен притисок, во исто време ја посочува и ЕУ како заштитник на сопствените членки кои се осудени како прекршители на човековите права. Со оваа одлука се доведени во непријатна позиција, не само Софија, туку и Брисел.
Тие сега се соочуваат со едно непријатно прашање, како може да се инсистира на почитување на европските правила од земјите кандидати, ако дома не се покажува потребната и задолжителна доследност?! Најголем парадокс во целиот овој спор е тоа што со години се бара од Македонија да покаже европска зрелост, додека токму во самата ЕУ останува отворено прашањето дали европските вредности важат подеднакво за сите.
За нас, ова е можност конечно да го артикулираме спорот на поинаква основа. Наместо дебатата постојано да се заснова на историски симболи, датуми и интерпретации на минатото, Македонија добива аргумент што е многу тешко да се релативизира, а тоа се меѓународни правни одлуки. Впрочем, премиерот Мицкоски тоа постојано го повторува и постојано го враќа ова прашање на дневен ред во дијалогот со Брисел.
Но, тоа не значи дека спорот автоматски ќе биде решен, ниту пак дека Софија ќе ја смени својата позиција преку ноќ. Сепак, ставот на Комитетот на ООН и дава посилна платформа за настап пред европските партнери на македонската дипломатија. Македонија треба внимателно да ја гради својата позиција. Секое повикување на меѓународни стандарди бара и сопствена доследност. Тоа значи дека Скопје мора да продолжи да го прави она што и до сега го правеше, да демонстрира демократска зрелост, почитување на правата на сите заедници и да ја зацврстува институционалната стабилност. Само така аргументот кон Софија ќе има тежина и кредибилитет.
Односите меѓу двете држави и понатаму ќе зависат од многу фактори, како што се внатрешната политика, регионалната динамика, европскиот контекст и домашните состојби. Но, факт е дека пресудите од Стразбур и ставовите на Комитетот за човекови права на ООН внесоа нов елемент што повеќе не може да се игнорира. Тие можат да помогнат дебатата да се помести од симболиката кон правото, од политичката интерпретација кон институционалната одговорност.
Токму затоа, прашањата кои што се предмет на интерес на Стразбур и ООН не можат да се гледаат само како спор меѓу две држави. Тоа е тест за зрелоста на регионот, за кредибилитетот на европските институции и за тоа дали вредностите што се посочуваат во меѓународните акти навистина важат за сите подеднакво. Ако за Европа навистина важат владеењето на правото, достоинство и слобода на самоопределување, тогаш пресудите не смеат да останат само документи заведени во европските архиви.
На крајот, довербата меѓу соседите не се гради со дипломатски фрази, куртоазија и протоколарни средби. Не се гради ниту со уцени, условувања и блокади. Таа се гради на начин каде што државата покажува дека ги почитува правата и достоинството на секој човек, без разлика како се чувствува, како се изјаснува и на кој јазик зборува. Се додека тоа не стане реалност, односите меѓу Македонија и Бугарија ќе останат кревки, а секој обид за вистинско добрососедство ќе се сведе само привид.

Македонски


