
Премиерот и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска ги повика сите членови, симпатизери, поддржувачи и сите граѓани да се придружат на големиот народен собир по повод 36-от роденден на партијата на 17 јуни, во 20:00 часот, на стадионот „Младост“ во Струмица.
– Пред 36 години беше создадена идеја која стана симбол на борбата за слободна, независна и достоинствена Македонија. Идеја која ги обедини сите оние кои веруваа дека оваа држава има право на сопствен пат, на сопствен глас и на сопствена иднина. Денес, 36 години подоцна, го одбележуваме патот што заедно го изодевме, сите предизвици што ги надминавме и сите победи кои ги остваривме како народ – рече Мицкоски во видео пораката објавена на неговиот профил на Фејсбук.
Во овие 36 години, додаде тој, имавме и тешки моменти и големи искушенија. – Имаше периоди кога требаше да се брани државата, кога требаше да се зачуваат националните интереси и кога требаше да се покаже карактер и истрајност. Државата кога беше одземена и требаше да стане повторно ваша. Секогаш кога било најтешко, силата доаѓала од народот. Од граѓаните кои верувале во Македонија и кои никогаш не се откажале од неа – потенцира Мицкоски.
Денес, нагласи премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, гледаме напред. – Денес зборуваме за развој, за економски раст, за нови инвестиции, за подобри плати, за модерна инфраструктура, за подобро образование, здравство и институции кои работат во служба на граѓаните. Ги повикувам сите членови, симпатизери, поддржувачи, сите граѓани кои веруваат во напредокот, во работата и во љубовта кон татковината, да ни се придружат на големиот народен собир. На 17 јуни, во 20:00 часот, на стадионот „Младост“ во Струмица, заеднички да покажеме дека Македонија има сила, има енергија и има народ кој верува во својата иднина. Да живее ВМРО-ДПМНЕ! Да живее Македонија – рече Мицкоски

Македонски



