
Сведоци сме дека со години наназад Македонија тивко, но сигурно, го менува своето лице. Наместо држава што ќе ги мотивира младите да учат, да работат и да градат иднина, пред нив сè почесто се отвораше една поинаква слика. Обложувалница на секој агол, казино до секое училиште, канцеларија за брзи кредити веднаш до маркетот и заложувалница како последна станица на човечкото достоинство. Тоа не може да се толкува како развој туку како системска деформација на општеството.
Токму затоа, пораката на премиерот Христијан Мицкоски дека „државата не смее да личи на Лас Вегас“ не треба да се сфати како политичка порака, туку како констатација и предупредување за една реалност. Ноговата порака се однесува на
еден општествен проблем што не засега сите нас и кој што предолго беше игнориран. Ако државата дозволува коцката да стане секојдневие, а брзите кредити да се претставуваат како решение за сиромаштијата, тогаш овде не постои управување со проблемот, туку негова легализација.
Пораката и намерата на Мицкоски не треба да се гледаат само како партиско-политичка активност. Тие заслужуваат широка општествена поддршка, дури и најширок политички консензус од сите релевантни партии во Македонија.
Обложувалниците и казината никогаш не биле само места за забава. За жал, тие станаа дел од урбаната слика, но и дел од психолошката навика на едно општество. Особено загрижува фактот што најмладите генерации растат во средина каде што коцкањето е секојдневие и нормален дел од животтните навики.
Дете што секој ден минува покрај неколку обложувалници до училиштето не го доживува тоа како исклучок, туку како нормалност. На тој начин се создава култура во која трудот и знаењето се потиснуваат, а илузијата за „брза добивка“ станува нова вредност. Ова претставува исклучителна опасност за младите генерации бидејќи растат во опкружување за кое по автоматизам сметаат дека е нормално.
Токму затоа, намерата овие објекти да бидат дислоцирани подалеку од образовните институции не е репресија, туку цивилизациска мерка, па дури и обврска. Тоа е обврска која била пропуштена од сите претходници на Мицкоски и
која биле должни да ја исполнат. Државата е должна да ги заштити младите од рана изложеност на зависности кои што подоцна стануваат тешко излечиви. Не може училиштето да воспитува, да учи на дисциплина и одговорност, а на само
неколку чекори од него системот да нуди „лесни пари“ како алтернатива на трудот. Можеби уште подлабок е проблемот со фирмите за брзи кредити. Правни лица што формално работат законски, а суштински често функционираат како легализирано лихварство. Во услови општа криза, инфлација, зголемени трошоци и раст на цените на глобално ниво, брзите кредити не се финансиска услуга како што се претставуваат и рекламираат. Тие се замка за финансиска зависност и
финансиско ропство.
Токму кај нив почнува најопасниот круг. Доколку некој земе мал износ, мислејќи дека брзо ќе го врати, набргу се соочува со камати, пенали, административни трошоци и договори напишани така што граѓанинот однапред ја губи битката. Од
привремено решение, кредитот станува траен товар. Од финансиска помош се претвора доживотна обврска.
Пораката на премиерот за воведување на ред и дисциплина во оваа област, не е насочена против бизнисот, туку против злоупотребата на човечката слабост како бизнис модел. Тоа е суштината на неговата порака која што критичарите намерно
ја премолчуваат. Никој не бара укинување на нешто кое што има облик на легална економија. Овде се бара ограничување и воведување ред кај дејности кои што профитираат токму од туѓата несреќа.
Особено симптоматична е сликата што денес ја гледаме на терен. Работите се одвиваат по следниов редослед. Човек губи пари во казино, потоа зема брз кредит за да ја „покрие дупката“, а кога веќе нема од каде да враќа, завршува во заложувалница продавајќи семејни вредности. Тоа не е случајност. Тоа е цел синџир на економско заробување, внимателно одржуван затоа што носи огромен профит за мал број играчи.
И токму тука државата мора да интервенира. Пазарната логика не смее да биде недопирлива кога последиците се социјално разорни. Ако нешто носи приходи, но истовремено создава зависност, долгови, семејно насилство, психолошки
растројства и генерациска сиромаштија, тогаш државата не смее да стои настрана и да се повикува на слободниот пазар. Тоа не е пазарна економија, тоа е институционална неодговорност за која ќе биде платена многу голема цена.
Еден од најчестите аргументи против построгата регулација е дека државата ќе изгуби буџетски приходи. Тоа е многу опасна и плитка логика. Ако единствен критериум за државна политика е тоа колку пари нешто носи во буџетот, тогаш
секоја штетна појава би можела да се оправда со фискален интерес. Државата не е само обична каса или трезор. Таа е систем на вредности која им служи на граѓаните и е должна да ги заштити од ваквите појави.
Во спротивно, наместо на вложување на буџетските сретства во корисни проекти, парите стекнати по основ на оданочување на споменатите бизниси, државата ќе ги потроши на болници, лудници и разни центри за одвикнување и рехабилитација.
Моменталната поставеност и функционирање на овие бизниси во перспектива носи многу поголема штета отколку корист за општеството. Штетата веројатно и денес е присутна, но во моментов го забележуваме само врвот на сантата мраз.
Колку чини едно уништено семејство? Колку вреди едно дете што расте во дом разрушен од коцкарски долгови? Колку го чини системот еден човек што влегол во депресија, изгубил работа и верба во животот поради долгови што никогаш не
може да ги врати? Овие трошоци не се гледаат во буџетската табела, но тие се реални и далеку потешки од секоја преместена локација или изгубена концесија.
Затоа, поддршката за построга контрола на брзите кредити мора да биде подеднакво силна како и регулацијата на коцкарската дејност. Потребни се ограничувања на каматите, целосна транспарентност на договорите, елиминација
на скриените трошоци и институционална заштита на потрошувачите. Не смее човек што позајмил 15.000 денари да заврши со долг што е три или четири пати поголем.
Законите кои што би се донеле сами по себе нема да бидат доволни. Потребна е и промена во навиките и културата на живеење. Потребни се осмислени кампањи и широка едукација. Предолго живееме во средина што ја романтизира лесната заработка. Со години се создаваше впечаток дека успехот не доаѓа преку знаење и работа, туку преку среќа и тикет во обложувалница.
Токму затоа, отворањето на ова прашање од страна на премиерот Мицкоски е важно и политички и морално. Не е лесно да се судриш со индустрии што располагаат со огромни средства, силно лоби и влијание во јавниот простор. Но, сериозна власт се препознава токму по тоа, односно дали е спремна да оди до крај во одбрана на јавниот интерес или се повлекува пред притисокот. Македонија не смее да биде држава во која млад човек полесно наоѓа обложувалница отколку библиотека. Не смее да биде држава во која сиромашниот граѓанин има побрз пристап до кредит со превисока камата отколку до фер можност за работа. Не смее да биде држава во која профитот на неколку компании е поважен од стабилноста на илјадници семејства.
Потребен е ред. Не затоа што некој е против приватниот сектор, туку затоа што државата мора да биде на страната на човекот, а не на страната на зависноста. Законот не треба да биде штит за коцкарското лоби и легализираните лихвари,
туку механизам за заштита на граѓаните. Затоа, ова намера на Мицкоски не треба да се доживува само како борба за
ставање ред и регулација кај обложувалниците и брзите кредити. На ова треба да се гледа како на борба за тоа во каква држава сакаме да живееме и какви генерации ќе израснеме и воспитаме. Ова е борба за општество кое што се грижи за ранливите категории граѓани, борба која што ги штити од системот кој што државата ја претвори во добро осветлен Лас Вегас на Балканот.

Македонски

