Skip to main content

Бројот на починати од епидемијата на ебола во Конго и Уганда достигна 131

Се верува дека епидемијата на ебола во Демократска Република Конго (ДРК) и Уганда досега резултирала со 513 случаи и 131 смртен случај, соопшти денеска Министерството за здравство на ДРК.

Ќе бидат потребни понатамошни истраги и лабораториски тестови за да се потврди дека сите смртни случаи и случаи на зараза навистина се должат на Ебола, изјави министерот за здравство Самуел Рожер Камба на државната телевизија на ДРК.

Ризикот од ширење на епидемијата низ регионот се смета за висок, особено затоа што станува збор за ретката Бундибуџо (Bundibugyo) варијанта на вирусот, за која не постои ниту вакцина, ниту терапија.

Африканското здравствено тело, Африкански центри за контрола и превенција на болести (Африка ЦДЦ), ја повика меѓународната заедница засега да се воздржи од воведување ограничувања за патување.

Соседна Руанда веќе ја затвори својата граница со источниот дел на ДРК, пренесе ДПА.

Според Африка ЦДЦ, епидемијата на ебола веројатно почнала во третата недела од април во североисточната провинција Итури, која граничи со Уганда и Јужен Судан, но била пријавена дури на почетокот на мај.

Ова е 17-та епидемија на Ебола во ДРК од 1976 година.

Според Африка ЦДЦ, претходно имало само две епидемии на варијантата Бундибуџо.

Еболата е заразна и опасна по живот инфективна болест. Вирусот се пренесува преку физички контакт и контакт со телесни течности.

Во 2014 и 2015 година, повеќе од 11.000 луѓе починаа во епидемија на варијантата Заир во Западна Африка.(МИА)

Поврзани вести