Skip to main content

5. издание на фестивалот за млади таленти „ВИВАЛДИЈАДА 2026“ на 7 јуни во Националната опера и балет

Петтото издание на фестивалот за млади таленти „ВИВАЛДИЈАДА 2026“ ќе се одржи на 7 јуни 2026 година во Националната опера и балет во Скопје, со почеток во 20:00 часот, во организација на уметничкиот центар „ПОЛИФОНИЈА“.

„ВИВАЛДИЈАДА“ е уникатен проект-фестивал чија главна цел е промоција на македонската култура и уметност, во синергија со европското музичко наследство. Фокусот е насочен кон младите инструменталисти кои преку работилници и концертен настап ќе добијат можност за сценско искуство, соработка со професионални музички уметници и стекнување нови знаења и контакти.

Од самиот почеток во 2022 година, „Вивалдијада“ — со оркестарот на „ПОЛИФОНИЈА“ и концертмајсторот, како и уметнички директор Сања Шуплевска-Боирал — бележи големи успеси во своите примарни цели и презентација пред домашната сцена. Тоа го потврдуваат концертите пред преполни сали со публика од сите генерации, како и сè поголемиот интерес како кај солистите, така и кај љубителите на класичната музика.

Оваа година „ВИВАЛДИЈАДА 2026“ за првпат се реализира со меѓународен предзнак, во соработка со гости од европски држави. Како специјален гостин доаѓа едно од најзначајните имиња на сцената за класична музика во Малта, диригентот Кристофер Мускат — раководител на Академијата за сакрална музика „Francesco Azopardi“, визитинг-предавач на „University of Malta“ и актуелен директор на „Pjazza Teatru Rjal“. Тој е еден од најистакнатите современи малтешки композитори и диригенти, роден во 1977 година во Малта, а неговиот уметнички опус го карактеризира длабока посветеност на духовната и современата класична музика.

Учесници на ова издание се десетина млади солисти од Македонија: Илина Ристова, Теона Павлова, Михаела Васковска, Илија Богоев, Теодор Трајковски, Уна Трајковска, Сиена Ангеловска Витли, Бисера Кировска и Јована Јанкуловска, а на концертот ќе се претстават и гости студенти од Малта, Србија и Русија.

Музиката на славниот Вивалди е секогаш посакувана, истовремено и за свирење и за слушање. Антонио Вивалди постојано пишувал нова солистичка музика со што им давал смисла и надеж во животот на своите ученици, од кои повеќето биле сираци. По неговиот пример, фестивалот „ВИВАЛДИЈАДА“ е создаден за младите музички инструменталисти како поддршка и можност за настап со современици, како и со професионални музички уметници и педагози. Оваа пракса воедно е и најбрзиот интерактивен начин за стекнување сценски вештини и искуство.

Зад проектот стојат: Наташа Стојановска и Даниела Неделковска – проект-координатори од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, Кристофер Мускат – диригент, и тимот на „Полифонија“: Јанинка Невчева, Орце Ицковски – раководител на проект, продуцент-организатор, и Сања Шуплевска – концертмајстор и уметнички директор.