
Во само еден ден, во само еден момент станаа целосно беспредметни сите напади и обвинувања на СДСМ и Филипче, кои рафално ги упатуваат без престан кон владата на Мицкоски. Токму таков е моментот кога Македонија доби 65,7 милиони евра од Европската Унија, кое што претставува најголем износ во регионот.
Се изнаслушавме разни тези подготвени во партискиот штаб на СДСМ кои имаа за цел да создадат слика дека само оваа партија е европска, а власта е анти ЕУ и анти напредокот на државата. „Македонија е во застој на патот кон ЕУ“, „Антиевропските реторики ја нарушуваат позицијата на земјата“, „Реформската агенда доцни“ и што ли уште не?!
Навистина ќе беше така доколку не го видовме токму спротивното, кое што како оценка дојде директно од Брисел. Видовме оценка за тоа како се гледа на активностите на актуелната влада во однос на суштинскиот дел од евроинтегтративниот процес. Сето ова дојде во исклучително опиплива форма изразена во милионска сума на пари од која директна корист ќе имаат граѓаните на Македонија.
Тоа не е само финансиска поддршка. Тоа е политичка порака. Порака дека државата повторно почнува да се перцепира како сериозен партнер, како земја што има капацитет да спроведува реформи и како држава што, и покрај сите предизвици, не е заборавена во европските стратегии.
Во последниве години, во јавноста доминира впечатокот дека Европската Унија функционира исклучиво низ дипломатски фрази и политички закономерности. За тоа се најзаслужни отстапувањата од воспоставените европски критериуми за членство кои беа во континуитет нарушувани од разни вета и блокади со кои се соочуваше земјава. Но кога станува збор за пари, Брисел е многу прагматичен. Европската комисија не распределува десетици милиони евра врз база на врски и симпатии, туку врз основа на проценка, реализирани реформи, исполнети критериуми и институционален капацитет. Затоа фактот што Македонија добива најголем пакет средства во регионот има многу поголемо значење отколку што некој сака или не сака да признае.
Ова е потврда од Брисел дека државата конечно почнува да создава атмосфера на функционалност и стабилност. Тоа е признание дека, независно од билатерализацијата на одредени прашања со кои се соочуваме на нашиот пат кон ЕУ, земјата останува посветена на својот стратешки интерес и насочена кон таа цел ги реализира поставените задачи и оврски.
Особено е важно тоа што ова признание доаѓа во период кога Македонија се соочува со силни политички турбуленции, наследени проблеми и сложена геополитичка атмосфера на Балканот. Со доделувањето на овие средства, наместо нестабилност, ЕУ очигледно гледа институции што почнуваат да функционираат поорганизирано и Влада што демонстрира поголема сериозност во комуникацијата со меѓународните партнери.
Токму тука се руши и главната теза на СДСМ и ДУИ, односно самонаречениот „Европски фронт“, кои со месеци се обидуваат да ја убедат јавноста дека Македонија доживува застој во евроинтеграциите. Но, ако навистина постоеше таков застој, тогаш логично се поставува прашањето, зошто Европската комисија би доделила најголема финансиска поддршка токму на Македонија? Одговорот е толку едноставен и очигледен, без да има потреба да се прават дополнителни објаснувања.
Опозицијата денес настапува со добро познатата стратегија, секој успех на државата да се минимизира, а секој предизвик да се претстави како катастрофа. Тоа впрочем и го гледаме од јавните настапи на Филипче кој се обидува со сите сили да го минимизира овој успех на македонската влада и граѓани. Демек ова ќе биле последни пари од ЕУ доколку не продолжиме со политиките на СДСМ кои катастрофално беа поразени на избори.
Од друга страна ДУИ како „Европски фронт“ повторно се враќа на стариот националистички колосек. Во услови кога од највисоките европски институции, како што е Венецијанската комисија, доаѓаат насоки за законска регулација на одредени прашања кои ќе ја направат државата поефикасна, тие ги туркаат младите на протести кои се насочени токму против европските укажувања. Од ДУИ никако да видиме суштински придонес кон европеизација и осовременување на државата. Напротив, постојано гледаме врашање на старата националистичка реторика и создавање на перцепција дека некој е жртва во државата. Многу бргу го заборавија апардхејдот кој го практикуваа за време на нивното владеење со СДСМ.
Јавноста веќе не реагира на ваквите политичко инфантилни конструкции. Сите паметиме кој со години ветуваше европски чуда, а зад себе остави институционален хаос, пад на довербата во системот и чувство на национално понижување.
Разликата денес е што резултатите почнуваат да бидат конкретни. Не може Европската Унија да одвои десетици милиони евра за Македонија, а тоа да не значи дека некој во Брисел оценил дека државата има реформски потенцијал и институционален капацитет да ги реализира тие средства. Брисел не би си пукал самиот во нога. Сепак се работи за исклучително сериозна сума на пари.
Важно е да се каже дека средствата ќе бидат насочени кон области што се од суштинска важност за долгорочниот развој на државата. Такви се образованието, дигитализацијата, модернизацијата и институционалната ефикасност. Тоа се секторите што ја дефинираат иднината на една држава. Наместо популистички мерки и краткорочни политички подароци заради некакви политички отстапки и распродавање на националните вредности како во времето на ДУИ и СДСМ, овде станува збор за инвестиции кои што ќе можат реално да создадат подобри услови за младите генерации.
Во таа насока, Владата испраќа порака дека Македонија може да води поинаква политика. Политика што не се темели на сервилност и политички отстапки, туку на институционална работа, дипломатска комуникација и постепено враќање на довербата кај европските партнери.
Особено е важно тоа што во овој процес повторно се враќа чувството на државно достоинство. Македонија не треба да настапува како држава што постојано бара сожалување или дополнителни шанси. Напротив, државата треба да се позиционира како сериозен партнер што знае да испорачува резултати. Токму тоа, очигледно, почнува да се препознава и во Брисел.
И како што рековме на почетокот, нападите од СДСМ и ДУИ во овој контекст изгледаат сè понеубедливо и понесериозно. Нивната реторика базирана на страв, дефетизам и обид секој позитивен процес да се претстави како неуспех, останува празна и застарена. Таа сè уште е заглавена во политичките слогани од времето на Заев и никако да направи обид да ги согледа вистинските состојби на теренот и вистинските потреби на граѓаните.
На крајот, овие 65,7 милиони евра имаат многу поголемо значење од самата бројка. Тие претставуваат сигнал дека Македонија повторно почнува да се движи во насока што Европа ја препознава и поддржува. Ова е особено значајно затоа што доаѓа во време кога регионот се соочува со нестабилност, економски предизвици и политички тензии. Тоа е успех што не смее да се потцени.

Македонски



