
Го променија уставното име, без консензус со опозицијата. Прифатија преговарачка рамка со ЕУ, без усогласен став со опозицијата. Презедоа обврска за уставни измени, без да имаат поддршка од осумдесет пратеници! Тогаш се немаше слух за „широк политички договор“, немаше аларм за „демократски дефицит“. Напротив, решителноста беше претставена како доблест.
Сега, кога целосно се политички дефакторизирани, одеднаш процедурите за нив стануваат задолжителна категорија. Во оваа состојба во која самите се доведоа, со минимална поддршка кај граѓаните, бараат да бидат вклучени во сите суштински процеси и реформи кои имаат за цел да ја извлечат државата од калта во која што ја заглавија.
Не е проблемот во тоа што бараат да бидат вклучени. Секој вистински придонес би бил добредојден, без разлика на тоа од кого доаѓа. Проблемот е во тоа што бараат секое решение да биде по нивни модел и на начин кој што само ним им одговара. На нив воопшто не им е важно дали решенијата кои што ги проектираат им одговараат на државата и граѓаните. Тие се сосема неважни и второстепени.
Таква е СДСМ!
Особено е таква оваа структура која што влече континуитет од ерата на заевизмот. Теснопартиски интереси, застарена реторика, отсуство на чувство на припадност и постојаните манипулации со граѓаните, е нивната биометрија.
Еднаш бараат да се укине Пржинската влада. Следниот пат бараат да остане, за да после некое време ни самите не знаат дали сакаат да остане или да се укине. Конзистентноста во водењето на нивните политики никогаш не била силна карактеристика со која што можат да се пофалат. Опортунизмот, прагматичноста и личниот интерес отсекогаш биле далеку пред општиот интерес и предвидливоста на нивното делување.
СДСМ денес ја брани техничката влада како последна линија на одбрана на демократијата. Ја претставува како гаранција за фер избори, како механизам што треба да ја заштити волјата на граѓаните од наводни злоупотреби. Но, ако ја тргнеме реториката на страна и погледнеме низ призмата на политичката меморија, се отвора едно сосема поинакво прашање, дали техничката влада е навистина потреба или само инструмент за реализација на партискиот интерес?
Клучната теза на СДСМ е дека техничката влада е гаранција за фер избори. Но таа теза паѓа на првото сериозно прашање. Ако навистина постои демократски систем, зошто би ви требал привремен механизам за истиот да биде гарантиран?
Пржинската влада беше проект кој што требаше да го доведе Заев на власт. Таа ја оствари својата цел. Заев и заевизмот поминаа како што поминаа и тоа го гледаме денес претставено преку бројот на пратенички мандати и градоначалнички позиции. Продолжувањето на постоењето на ваквата влада во иднина ќе значи постоење на класичен постзаевисзам кој што во моментов е изолиран и затворен во се помалиот политички волумен на СДСМ. Секое кокетирање со рецидивите на ваквата политика, без разлика дали се работи за внатрепартиско ниво во СДСМ или за државно ниво во рамки на државните институции, ќе им носи само штета на оние кои што не сакаат да применат хирургија кон метастазите на заевизмот.
Затоа, Пржинската влада мора под итно да се укине. Илјада пати до сега е кажано дека таа е штетна форма која носи застој и умртвување на сите процеси во државата. Тоа е цикличен процес на застој и нефункционалност во периодот на секој изборен интервал. Демократијата не функционира на привремени решенија. Таа се потпира на институции. Ако институциите се нефункционални, тогаш проблемот не е во моделот на владата, туку по целата вертикала во рамки на државните институции.
Контрадикторно е тврдењето на СДСМ дека државата е демократизирана, ги реализирала сите реформи и ги исполнила потребните услови кон ЕУ додека беа на власт, а во исто време сметаат дека техничката влада сѐ уште е потребна. Надвор од памет е да се тврди дека Македонија „започнала со преговори“ со ЕУ, а применува заштитни механизми за демократијата како да се работи за земја од третиот свет.
Токму тука доаѓаме до најнепријатниот дел од равенката.
Зоран Заев и неговата гарнитура имаа години да изградат систем кој ќе гарантира фер избори без потреба од технички интервенции. Ако денес Филипче, како најблизок соработник и наследник на Заев, тврди дека тоа не е можно, тогаш тоа е директно признание дека нивните реформи не успеале. Не може истите актери да бидат и архитекти и критичари на истиот систем.
Понатаму, тезата дека техничката влада е „европска вредност“ едноставно не содржи сериозна супстанца. Во најголемиот дел од европските демократии, да не кажеме експлицитно во сите, ваков модел не постои. Таму изборите се спроведуваат од институции кои имаат континуитет и кредибилитет. Кај нас, наместо да се гради тој кредибилитет, се одржува зависност од ад-хок решенија донесени надвор од парламентот во услови на политичка криза. Тоа не е европеизација, тоа е институционална импровизација.
Особено проблематична е логиката дека опозицијата, преку учество во техничката влада, станува единствен гарант за одржување на фер избори. Демократијата не се базира на меѓусебно надгледување на партии, туку на независни институции. За жал, во Македонија сѐ уште функционира таквиот модел на меѓусебно надгледување и контрола. Ако во СДСМ се убедени дека само нивното присуство ќе ги спречи злоупотребите, тогаш повторно признаваат дека не изградиле функционален систем.
Зошто оваа гарнитура, екипата на Заев, повторно би ја барала поддршката на граѓаните кога веќе покажа дека е неспособна за суштински реформи? Да беше некоја друга екипа во СДСМ, па да имаше некаква логика во нивните барања и да ги разберевме нивните позиции. Вака што добиваме? Добиваме барање за доверба од истите оние кои што веќе ја изневерија.
Парадокс!
Актуелната власт мора да го затвори ова поглавје. Не смее да паѓа на небулозните уцени на дефакторизираниот политички опонент, кој во времето на своето владеење со мнозинство од само два пратеника целосно ја игнорираше и маргинализираше опозицијата. Сега, кога се има речиси двотретинско мнозинство добиено како волја на граѓаните, ќе биде политичко самоубиство да не се почитува таквата волја и да не се спроведат сите зацртани и ветени реформи. Маргиналната СДСМ треба да се остави на политичката маргина, не како политички инает, туку како реална и прагматична валоризација на вредноста која што ја има.

Македонски



