
Генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, на денешната трета седница на интерпартиската парламентарна група за следење на Националната развојна стратегија (ИППГ) истакна дека потребно е да се разгледа можноста за иницирање измени на Законот за Националната развојна стратегија, како што рече, за да се постигне уште поголема конзистентност, ефикасност, отчетност и транспарентност.
– Имено, при подготовата на извештајот забележавме потреба од изменување и дополнување на Законот за Националната развојна стратегија поради тоа што рокот за негово доставување до Собранието е март во тековната година. Се соочивме со предизвици, особено во однос на прибирањето на податоците, исполнување рокови кога прилично е кратко за испорака на документи и прибирање податоци. Во пракса, Генералниот секретаријат на Владата официјални податоци би обезбедувал од Министерството за финансии по 15 март во истата тековна година. Бидејќи станува збор за обемни податоци, за нив е потребна и соодветна обработка. Од тие причини ценам дека преку овој форум на оваа група и со ваша поддршка можеме да разгледаме можност за иницирање процес за изменување на законската рамка за да постигнеме уште поголема конзистентност, но и ефикасност, отчетност и транспарентност – рече Јанушев на седницата, на која се разгледуваше извештајот за имплементација на Националата развојна стратегија 2024 – 2044.
Потенцира дека останува предизвикот за понатамошно поинтензивно вклучување на локалните самоуправи и исполнување на обврската да известуваат за нивните резултати во контекст на Стратегијата.
Јанушев нагласи дека за првпат, нашата држава пред највисокото законодавно тело презентира системски, документиран и мерлив преглед на напредокот кон нашата зедничка визија за 2044 година. Тој, како што рече генералниот владин секретар, потврдува дека нашата држава воспостави функционален систем за стратешко планирање, следење и евалуација базирана на докази. Нагласи дека првиот годишен извештај за 2025 година е исклучително значен институционален чекор за планирање и следање на развојот на државата.
– Преку извештајот првпат се конципира напредокот во контекст на Националната чадор-стратегија. Се обезбедува соопфатна процена, усогласеноста на 102 приоритети, 94 национални програми и 67 локални програми со целите на Националната развојна стратегија, кои се приоритети на Европската Унија и целите за одржлив развој. Освен тоа, извештајот ги воспоставува и ги анализира поврзаноста и насоченоста кон европските интеграциски приоритети и 17 цели за одржлив развој од Агендата 2030. Анализата опфаќа податоци за планирани износи и реализација на буџетски средства на централно и локално ниво, со цел да ја оцени ефикасноста на јавните политики и нивниот придонес кон долгорошниот развој. Следењето и оцената на НРС го гледаме како исклучително сериозен и значен процес и тука во координација со сите релевантни фактори, вклучувајќи го и Собранието, работиме и ќе продолжиме да работиме на создавање сеопфатен систем, што ќе го следи напредокот во спроведувањето на Стратегијата – рече тој.
Јанушев потенцира дека одговорноста кон граѓаните не завршува со донесување на Стратегијата, туку, како што посочи, таа почнува со нејзиното спроведување.
Тој истакна дека во поддршка на зелената транзиција развиен е првиот дигитален твин за управување со квалитетот на воздухот. Во транспортниот сектор, како што информира, се воспоставила национално интегрирана база на податоци за безбедност на патиштата и ГИС-платформа, усогласени со стандардите на ЕУ, како и дека е подготвена и првата 10-годишна стратегија за развој и одржување на патиштата.
– Набавено е првото специјализирано возило за систем за управување со патни средства – РАМС овозможувајќи системско следање на патната инфраструктура базирана на податоци и поефикасно приоритизирање на инвестициите во одржување. Исто така, извршена е модернизација на системот за управување со документи во Министерството за внатрешни работи. Дополнителните реформи вклучуваат подготовка на регулаторни рамки за краунфандинг, дигитално-финансиско известување и електронски судски патни налози, при што анализите укажуваат на потенцијални годишни добивки на приходи до 6 милиони евра за судскиот систем и значително намалување на административните трошоци и времето за испораки – нагласи Јанушев.

Постојаниот претставник на УНДП во земјата, Армен Григорјан, нагласи дека денеска државата има напредок посочувајќи дека податоците потврдуваат големо ниво на кохерентност со приоритетите, особено во Кластерот 1 – Основите, Кластерот 5 – Ресурси и земјоделство, како и усогласување со целите за одржлив развој.
– Покажуваат дека овој циклус е концентриран онаму каде што е најбитно за стабилноста, за одржливо локално и регионално одржување и за владеењето на правото. Како што напредуваме со оваа 20-годишна визија, извештајот истакнува каде треба да ги интензивираме нашите напори. Има потреба од повисоки финансиски алокации и покривање за зелената транзиција и ревитализација на локално ниво. Мора поактивно да ги премостиме недоследностите во општините. Сега е време да се помести фокусот на ефективни јавни политики базирани на успешност. Ова е непартиско функционирање на парламентот, кое станува ушта поважно со поврзување на јавните буџети директно со индикаторите за јавна успешност, ни покажува дека ќе имаме резултати секој ден. УНДП е посветен партнер и за Владата, и за парламентот, и за сите фактори. Националната развојна стратегија е таму каде што нашите споделени вредности се среќаваат со буџетите. Да го продолжиме нашето партнерство за да се осигуриме дека нашиот сон ќе стане реалност за граѓаните на оваа земја – рече Григорјан.
Професорот Борче Треновски при презентацијата на Стратегијата информира дека анализирале 67 програми, кои се поврзани со клучните стратешки области. Нагласи дека голем дел од овие буџетски средства се насочени кон основните јавни услуги по функционирањето на единиците на локалната самоуправа. Реализацијата на локално ниво пред новата година е речиси 75 проценти. Најголем дел од стратешките области е реализиран во делот на образованието и основните комунални услуги. Потенцира дека се забележува оти има пониска реализација кај капиталните и развојните програми, урбанистичкото планирање, градинките, развојот.
– Потреба се покажува во зајакнување на превентивната здравствена заштита, здравствениот систем и здравствената инфраструктура во иднина. Индексот на среќа се подобрува. Глобалниот индекс на знаење се подобрува, напредокот е позитивен во делот на општеството засновано на знаење и критичко размислување.
Кај владеењето на правото имаме разни движења, ефективноста на Владата се подобрува, одговорноста е речиси непроменета, во гласот и отчетноста имаме блага стагнација, во судската ефикасност и владеењето на правото имаме благо стагнирање. Индексот на човекови прави и владеењето на правото остануваат непроменети. Глобалниот индекс на слобода се подобрува. Информираноста за ризици е намалена од 2,5 на 2,7, сѐ уште имаме зголемена изложеност на ризици. Индексот на безбедност и закани укажува на умерено ниво на ризик и имаме простор да го подобриме и овој индикатор. И во здравата и чиста животна средина имаме простор да го подобриме, да го намалиме загадувањето на воздухот – рече Треновски.

Македонски


