Skip to main content

Инверзија на тезите и промашениот фокус

Бројките знаат да бидат многу корисни како статистичка алатка, особено кога треба да се побегне од едно многу непријатно прашање… кој е одговорен?! И токму тоа се случува. 

Последниве денови при партиските пресметки во јавноста постојано се повторува бројката од неколку илјади граѓани од Гостивар кои побарале медицинска помош како последица од проблемите со водата за пиење. Бројката навистина е сериозна и загрижувачка, заслужува внимание, анализа и институционален одговор. Но, таа бројка, како таква, во моментов се пласира и служи единствено како манипулативен инструмент за пресметка со политичкиот противник.

Затоа, тука мора да поставиме неколку едноставни прашања. 

Зошто политичкиот фокус толку упорно се задржува на бројот на заболени, а многу помалку на оние кои требало да спречат воопшто да дојде до заболување? Каде е тука вистинската грижа за граѓаните и придонесот за наоѓање на виновниците и разрешување на последиците? 

Бројките за кои што зборуваме како статистичка информација деновиве интензивно се споделуваат од таборот на СДСМ. Во нивните фреквентни изјави и пресконференции упорно се одржува оваа тема како политичко прашање преку кое нападите одат кон македонската влада.

Кога ќе се каже дека „4.700 граѓани побарале медицинска помош“, пред јавноста се создава слика на огромна трагедија. И таа слика, доколку бројката биде потврдена од надлежните институции, е навистина сериозна. Но, бројката сама по себе не кажува кој потфрлил и тоа е особено значаен елемент кој намерно го занемаруваат во СДСМ. 

Тие не кажуваат кој ги поставил пумпите во изворот на зараза и кој ја имал обврската да ја контролира исправноста на водата на дневна основа. Не кажуваат кој требало да предупреди и прв да реагира. Не кажуваат ниту кој требало да обезбеди алтернативно снабдување. Она што е особено симптоматично е што во политичката конструкција на СДСМ речиси и да нема простор за прашањето за одговорноста на локалната власт во Гостивар, иако токму таму треба да се бараат одговорите за дел од клучните прашања поврзани со водоснабдувањето, контролата и навремената реакција.

Многумина од нас ќе се согласат дека во гостиварскиот случај бројката на заболени е само последица. Последица на претходно извршени дејствија кои довеле до избувнување на епидемијата. Но, за ваквата бројка со која оперираат од СДСМ многу поважни се причинителите, а тие се на друга адреса и одговорноста треба да се бара токму кај нив. 

Граѓаните кои се жртви на овој пропуст не смеат да се злоупотребуваат како политички „аргумент“ за партиско препукување. Тие не се никаков „аргумент“ туку луѓе кои ја платиле цената на човечките и институционалните пропусти на локалната самоуправа во Гостивар.

Во гостиварскиов случај имаме јасен пример на инверзија на тези во начинот на јавното делување на СДСМ. Оваа инверзија се користи за манипулација со јавноста и префрлање на вината и одговорноста кај политичкиот опонент. Тие зборуваат за 4700 болни граѓани, кои патем кажано се соодветно згрижени и се лекуваат во здравствените установи кои се под контрола на централната власт. Но, во СДСМ не зборуваат за 4700 граѓани кои претходно биле здрави, а кои се разболеле како последица на инцидентот предизвикан од локалните власти под контрола на СДСМ, ДУИ и структурата на Таравари.

Класична инверзија на тези која јасно се гледа од само две реченици во кои се спротивставени непобитни факти!

Исто така, многу е несериозен и крајно лицемерен потегот на СДСМ со поднесувањето на кривичните пријави против Министерот за здравство и уште неколку раководители на здравствените институции. На овој начин упорно се турка истата приказна со која се бара вината онаму каде што реално ја нема.

Ако некој граѓанин се разболел, неговото место е во болниците и другите здравствени институции. Ако здравствените институции му обезбедиле преглед, терапија и соодветен третман, тогаш тие професионално и ефикасно го извршуваат својот дел од задачата. И токму тоа е случај со епидемијата во Гостивар.

Тука нема потреба од никаква политизација во лекарскиот дел од приказната затоа што нема политичка поента во критиката на лекарите. Во кризни ситуации како што е оваа, здравствениот систем треба да биде првата линија на заштита и тоа всушност се случува во Гостивар. Со поднесувањето на кривичните пријави против министерот и останатите се врши политички напад врз целокупниот здравствен систем поради тоа што ги лекува болните луѓе.

Парадокс! 

Лекарите имаат обврска да ги лекуваат оние кои што се разболел, а институцијата која што управува со водоснабдувањето треба да обезбеди тој човек да нема причина да се разболи од неисправна вода. Зошто СДСМ не поднесоа кривични пријави против оние кои што со своето непрофесионално и неодговорно однесување ја предизвикале појавата на гостиварската епидемија, туку поднесуваат пријави против оние кои се борат и ги санираат последиците од истата?

Зарем е толку тешко самите да видат дека не постои логика во нивното политичко делување и дека на овој начин уште еднаш демонстрираат површност во пристапот, лицемерие и отсуство на реална грижа за граѓаните. Политизацијата на случајот, која што ја туркаат по секоја цена, очигледно е дека ги води во сосема спротивна насока од онаа која што е во општиот интерес и во интересот на вистината.

Никој не го оспорува правото на СДСМ да бара одговори за тоа што се случило во Гостивар. Но, барањето одговори не подразбира политизација во начинот на нивното барање. Не подразбира ниту нудење на сопствени одговори кои што се во конфликт со секаква логика за тоа кој е одговорен за случајот.

Манипулацијата со 4700 заболени граѓани не е само манипулација на македонската јавност како целина. Тоа е манипулација и злоупотреба на секој еден човек од оние 4700 заболени кои што претходно биле здрави. Тоа е злоупотреба на болеста на секој поединец во политички цели за пресметка со политичкиот противник.

На крајот, прашањето не треба да биде само колку граѓани побарале медицинска помош, туку зошто воопшто дошло до ситуација во која илјадници луѓе морале да побараат лекарска помош. Бројката треба да биде повод за сериозна институционална истрага, а не алатка за партиска пресметка. Додека СДСМ се обидува од бројот на заболени да направи политички аргумент против Владата, здравствениот систем ги лекува граѓаните и ги санира последиците. Вистинската политичка и институционална задача е да се утврди кој дозволил до кризата воопшто да дојде. Затоа, одговорноста мора да се бара таму каде што се создадени условите за проблемот, а не таму каде што денес се лекуваат неговите последици. На граѓаните не им треба партиска пропаганда, туку вистина, одговорност и гаранција дека ваков пропуст нема да се повтори.

Поврзани вести