
Во последно време сме сведоци на една појава која укажува на тоа дека најважната политичка вештина е да се биде погласен од противникот. Тоа е веќе воспоставена пракса која што функционира и на која се навикнавме во следењето на дневната комуникација меѓу политичките партии. Повеќе не е доволно само да се биде присутен во јавноста, туку е потребна силна реторика која го свртува вниманието на јавноста кон она што се говори.
А, токму вниманието на јавноста во моментов претставува најголем ресурс кој се троши и за кој се борат сите учесници во јавниот и политичкиот живот. За волја на вистината, тоа не е случај само во Македонија, туку претставува глобална појава, но факт е дека овде кај нас се создава чувство дека одиме во екстреми кои непотребно ги оптеретуваат граѓаните.
Без разлика дали станува збор за парламентарни дебати, прес-конференции или телевизиски дуели, најголемиот дел од енергијата се троши на критика на она што другиот го работи. Тоа се случува без исклучок и без да се навлезе во суштината на идејата и политиката која што ја имплементира нејзиниот носител.
Во принцип, според сите воспоставени демократски обичаи власта е онаа која е задолжена за претставување на идеи и реализација на проекти кои произлегуваат од таквите идеи, а опозицијата е задолжена за критика на нивните слабости и аномалиите. Да, критика на слабостите и аномалиите, но не и критика без исклучок и без никаква аргументирана поткрепа кое што се претвори во вообичаен модел на однесување на македонската опозиција.
Ваквото делување на опозицијата, пред сѐ на СДСМ (чија што раководна екипа е составена од поранешни министри, директори и пратеници кои што ја имаа власта во Македонија), нема никаква конструктивност и придонес кон напредокот на земјата. Секој проект и секоја политика на актуелната Влада се „дочекува на нож“ и се напаѓа со најпогрдни навреди. Во исто време, секој одговор или возвратена критика се доживува како напад или навреда. Улогата на жртва, во која СДСМ уживаше да функционира во времето на Шарената револуција, повторно е на сцена и во овие последни две години.
И еве, сосема свеж пример на глумење жртва и упатување на неаргументиран напад и навреди кон политичкиот противник. Главна тема кај СДСМ стана зборот „талог“ како најголем проблем во државата, но не затоа што талогот постои туку затоа што Премиерот посочил на неговото постоење и штетата која што ја нанесува.
Мицкоски јасно истакна дека во Македонија постои општествен талог и остатоци од минатото кои ја кочат земјата во својот напредок. Тој никого не посочи ниту со име, ниту со презиме, ниту пак со партиска припадност. И токму тука лежи интересниот момент. Во актуелното раководство на СДСМ како да се препознаа самите себе и како што редовно прават, веднаш реагираа.
Но, зошто реагираа на таков начин од никого неименувани? Еве на пример, да погледнеме на состојбите со општествениот талог од наш агол и да ја интерпретираме квалификацијата на Премиерот според сопствени видувања.
Постојат ли аномалии во државата кои се рецидив од претходната власт? Секако дека постојат! Постои ли ниска доверба во судството како наследство на „заевизмот“? Постоењето на ниската доверба е веќе апсолвирана тема! Враќаат ли судиите пасоши на осомничени за тешки криминали сторени во времето на претходната власт? Враќаат! Прифаќаат ли кауција со сомнителни пари за сторени финансиски проневери во спортските сојузи? И тоа го прават! Ставаат ли директор и градоначалник пумпи во загадена вода која потоа ја внесуваат во градскиот водовод во Гостивар и ги трујат граѓаните? Видовме дека ставаат! Има ли политички елити кои ги поддржуваат и штитат претходно споменатите? Има, и тоа ревносно го прават!
Епа во што е тука проблемот? Какви се тие луѓе за кои што зборуваме? Зарем не се тие општествен талог кој ја изневерува добиената доверба и работат на штета на граѓаните?!
Затоа, тука се поставува сосема легитимно прашање, зошто во СДСМ се препознаа во квалификацијата „талог“, небаре тие се врвот на пирамидата кои ги спонзорираат и штитат погоре наведените примери?! Зошто не излегоа со предлог идеи со кои ќе понудат решенија за чистење на општествениот талог?
За волја на вистината, Мицкоски упати комплетна порака од настанот со делот во кој повика на натпревар на идеи и проекти. Очигледно е дека во СДСМ не можат да ја препознаат ваквата порака и да се најдат самите во неа, исто онака како што се пронајдоа во „талогот“.
Оценката на премиерот беше многу прецизна, односно наместо натпревар на идеи и политички концепти, неговите противници создаваат атмосфера на нихилизам, омраза и дефетизам и дека со недоверба гледаат на секој државен успех и се радуваат на тешкотиите и неуспесите. Ваквата оценка всушност и се потврди речиси истиот, односно наредниот ден со изборот на теми и поенти кои што беа коментирани од страна на СДСМ. Наместо коментари за идеи и политички концепти, се коментираше „талогот“.
Затоа, можеби е време да си поставиме едно едноставно прашање. Што би се случило доколку актуелната македонска политичка сцена почне да се натпреварува со идеи наместо со беспредметни обвинувања? Што би се случило доколку наместо напад и критика кон противникот слушнеме нова идеја, предлог проект или решение за проблемите кои ги оптеретуваат македонските граѓани? Дали тоа ќе биде првиот чекор во правец на чистење на реално постоечкиот талог во општеството?
За присутните проблеми треба отворено да се зборува, особено на настани кои се значајни за македонската држава, каков што беше оној во Меморијалниот центар на АСНОМ. Мицкоски дури беше и политички коректен во Пелинце. Тој не стави сол на раните и не повтори дека токму СДСМ со Преспанскиот договор прифати уставни отстапки во однос на документите на АСНОМ.
Бегањето од вистината нема никаде да нѐ одведе и затоа во Македонија мора да се направи промена во политичкиот дискурс. Мора да се започне со натпревар во презентирање идеи и да се стави крај на трката на голи и неаргуемтирани критики и навреди.
И да не заборавиме, талогот мора да се исчисти!

Македонски


