Skip to main content

Во Јужна Кореја расте бројот на жртви од топлотниот бран

Најмалку 21 лице починало од заболувања поврзани со високите температури во Јужна Кореја од почетокот на годинава, додека земјата и натаму е зафатена од интензивен топлотен бран, јавија локалните медиуми.

Според агенцијата Јонхап, која се повикува на Корејската агенција за контрола и превенција на болести, до вчера вкупно 2.441 лице побарале лекарска помош во итните служби поради последици од жештините, откако во средината на мај беше воспоставен сезонскиот систем за следење на ваквите случаи.

Иако бројот на пациенти е помал во споредба со истиот период лани, бројот на смртни случаи е поголем. Годинава веќе се регистрирани 21 жртва, што е повеќе од 20-те смртни случаи забележани во истиот период минатата година.

Една од последните жртви е маж на шеесетгодишна возраст, кој починал откако работел на отворено на фарма во округот Еумсонг, во покраината Северен Чунгчонг.

Според здравствените власти, топлотната исцрпеност учествува со 61,7 проценти од пријавените случаи, топлотниот удар со 16,8 проценти, а топлотните грчеви со 11,5 проценти.

Јужнокорејската метеоролошка служба денеска го прошири предупредувањето за екстремни горештини во поширокото подрачје на Сеул, при што околу 43 проценти од регионот се ставени под највисоко ниво на тревога.

За четврток во главниот град Сеул се прогнозира температура до 39 степени Целзиусови.(МИА)

Поврзани вести