
Филибастерингот претставува користење на деловничките права со цел да се забави или оневозможи донесувањето на одреден закон. Во различни парламентарни системи тоа се прави преку долги говори, огромен број амандмани, процедурални забелешки или расправи кои што се повторуваат во недоглед. Досегашната пракса во македонското Собрание покажа дека најчестиот инструмент за филибастеринг е масовното поднесување амандмани.
Формално, станува збор за легитимно користење на парламентарните механизми. Сепак, оценката за неговата оправданост зависи од тоа дали целта е подобрување на законскиот текст или едноставно блокирање на институционалниот процес. Затоа, прашањето не е дали филибастерингот е дозволен, туку до кој степен неговата употреба придонесува за демократска расправа, а кој е моментот кога преминува во институционална блокада.
Тоа е основното прашање на кое треба да одговорат оние кои што најавуваат примена на филибастеринг и блокада на Изборниот закон. Тоа е закон кој во моментов има реформски карактер и претставува една од обврските од нашиот евроинтегративен процес.
Во целава оваа приказна особено се нејасни, неаргументирани и контрадикторни ставовите на СДСМ кои што се однесуваат на Изборниот закон, како и нивните закани за блокада на законот. СДСМ уште од самиот почеток го проблематизираше донесувањето на овој закон без притоа да земе активно учество во неговото моделирање како што доликува на една таква партија.
За потсетување за оние кои почнуваат да забораваат поради бледиот лик на СДСМ во моментов, тоа е партија која што во себе носи институционална меморија и која што редовно учествувала во кроењето на изборното законодавство на државата. Партија која што половина од времето на постоење на независна Македонија раководела со нејзините влади. Партија која што постојано повторува дека е државотворна и се залага за евроинтегративниот процес на државата, кој не смее да биде закочен од неисполнувањето на домашните задачи.
А што гледаме сега од нивното однесување?
Она што досега го правеа беше нивното отсуство од процесот на усогласување на одредбите од Изборниот закон. Она што во моментов го најавуваат е нивното блокирање на истиот тој закон кој е еден од реформските закони поврзани со македонските евроинтеграции. Ваквито политичко однесување е навистина контраверзно, а нивниот став го оправдуваат со нејасни аргументи и изговори за некаква небезбедност во делот кој се однесува на гласањето на дијаспората.
Зарем нашите иселеници немаат право на глас, па СДСМ е толку уплашен и против нивното гласање на изборите?! Зарем СДСМ, кој редеше чевли пред владата, алудирајќи на иселувањето од државата како резултат на политиките на претходните влади предводени од ВМРО-ДПМНЕ, нема доверба во тие иселеници? Тие по логиката на СДСМ треба да се гневни на секоја влада на ВМРО и да гласаат за СДСМ!
Многу е тешко да се водат процесите со опозиција која својата политика ја заснова исклучиво на гол интерес за власт. Тука не постои државен ниту национален интерес кој ќе претставува стожер во нивната политика и околу кој ќе ги аранжираат краткорочните политички активности на нивната партија. Во случајов сѐ е сведено на превенирање на некаква имагинарна измама која што може да дојде од странство преку електронското гласање на дијаспората.
Во услови кога сите сметки, банкарски и социјални профили неповратно мигрираат во елктронскиот простор, СДСМ уште се залага за „тајно“ гласање со „пуштање на ореви во кутија“. Уште не можат да ја преболат „пржинската влада“ која ќе ја има својата последна претстава на следните парламентарни избори, кога и да се случат. А велат дека се за реформи, за ЕУ и напредок на државата. Повторуваат и други флоскули кои што ги користат за да го маскираат единствениот интерес на нивното политичко битисување, власт по секоја цена.
Европската димензија на овој закон е особено значаен аспект на целокупниот процес. Европската Унија со години инсистира изборното законодавство да биде стабилно, предвидливо и донесувано низ широк политички консензус. Иако ЕУ не сугерира конкретен изборен модел, таа континуирано ги поддржува препораките на ОБСЕ/ОДИХР за транспарентност, професионална изборна администрација, еднакви услови за учесниците во изборите и правна сигурност.
Но, тука клучното прашање нема да биде само содржината на законот, туку и начинот на неговото донесување. Доколку процесот уште од самиот почеток беше проследен со широк дијалог, аргументирана расправа и вклученост на сите релевантни актери, тоа ќе беше позитивен сигнал кон домашната јавност, но и кон европските институции. Во моментов, како што гледаме, преовладаат блокади и меѓусебни политички обвинувања. Се повторува долгогодишниот проблем дека изборните правила во Македонија остануваат предмет на дневнополитичка конфронтација.
Затоа ќе прашаме, зошто СДСМ не зеде учество во процесот уште од неговиот почеток, знаејќи дека широкиот консензус е еден од параметрите кои што ќе се оценуваат? Тие се добро упатени и свесни дека за ЕУ особено е значајна инклузивноста на процесот. Дали со тоа СДСМ ја наметна првата блокада уште од самиот старт со која се даде дистонирана интонација на целата подоцнежна композиција?!
Не е тешко да се изведе заклучок и да се дојде до одговорот на овие прашања. Затоа повторно ќе кажеме, најавената блокада на Изборниот закон е анти реформски потег и претставува само продолжување на блокадата која што веќе е започната. Одговорноста за антиреформските политики паѓа на грбот на СДСМ, без оглед на тоа колку пати ќе повторат дека се за ЕУ.
На овој начин, СДСМ наметнува уште една блокада на евроинтегративниот процес на Македонија, овој пат од внатре. Ако прифаќањето на обврската за уставни измени, без да се има потребното мнозинство и договор со тогашната опозиција беше создавање на состојба на перманентна блокада која што доаѓа како резултат на надворешни фактори, со блокадата на Изборниот закон СДСМ креира состојба на блокада на реформскиот процес, за кој причините лежат во внатрешните фактори. И во едниот и во другиот случај СДСМ се јавува како реактор и моторна сила на сите облици на блокади кои и се случуваат на Македонија, независно дали доаѓаат од надвор или од внатре. Филибастерингот во случајов е само нивна алатка, а блокадите стануваат нивна препознатлива политичка идеологија.
Немањето на стожерни политики кои ќе ја држат оваа партија во идеолошка рамка и ќе ги дефинираат нејзините црвени линии во политичка смисла, од неа создаваат политички хибрид кој се злоупотребува за потребите на тесен круг на влијателни поединци кои ја држат под контрола. Тоа се поединци кои немаат никаков проблем со трговијата на државните и националните интереси, а евроинтегративниот процес им служи само параван за валоризација на своите лукративни цели.
Во случајов, најновата платформа за реализација на таквите цели е Изборниот закон, а македонските граѓани остануваат стара жртва на сите нивни досегашни платформи.

Македонски


