
Ако јавно споделиш вест дека водата за пиење во Скопје е загадена, особено ако тоа го направиш без никаков аргумент и поткрепа, дали тоа е чин на слобода на говор или тероризирање на граѓаните и ширење на страв и паника?
Слободата на говор и изразување се смета за една од најважните придобивки на демократијата. Тоа е вредност која е содржана во уставите на сите демократски земји, но и во најзначајните меѓународни договори и конвенции. Да можеш слободно да се изразиш, да кажеш што мислиш и да го браниш својот став е суштина на човековата слобода.
Слободата на говор е исклучително ранлива категорија која има потреба од постојана одбрана дури и во најразвиените демократии. Одбраната е процес кој се одвива на дневна основа без пауза и застој. Никој не смее да одлучува за тоа што смееме да мислиме, што смееме да зборуваме и како да го изразуваме сопствениот став во однос на сите прашања од јавен и личен интерес.
Но, дигиталната револуција создаде еден опасен парадокс. Денес речиси секој може да зборува, да објавува текстови, видеа, фотографии, коментари или политички пораки. Тоа стана наше секојдневие кое во голема мера почна и да се злоупотребува и да оди во сосема непосакувана крајност.
Во исто време, напредокот во дигиталниот простор создаде и сопствени бариери кои ја ограничуваат еднаквоста на тоа дали секој од нас има еднаква можност да биде слушнат. Нашите пораки мора да бидат препознаени како содржина од алгоритмот за да можат да станат видливи и да предизвикаат реакција.
Што ако денес можеме да кажеме сè што сакаме, но никој не може да нè слушне?
И уште поважно, што ако некој друг, преку алгоритми, платформи и вештачка интелигенција, може да одлучува што е тоа што ќе ни биде ставено пред очи, што е тоа што ќе ни го привлече вниманието, а што е тоа што ќе исчезне од нашиот информациски хоризонт?
Од тие причини, тука се отвора прашањето кое веќе не се однесува само на слободата на говорот. Ова е прашање кое што отвора сосема нова димензија во човековите права и слободи поврзани со слободата на говор и изразување, а тоа е на слободата на вниманието.
Дали имаме право и слобода да го слушнеме она што треба и е неопходно или алгоритмот ќе ни го сервира она што тој сака да го слушнеме или видиме? Дали секоја упатена порака, независно од тоа дали е корисна за јавноста или е сосема безначајна и загадувачка за информативниот простор, има еднаква можност да биде видена и слушната?
Ова се прашања кои ќе бидат новото ниво во борбата за човековите права и слободи поврзани со правото на говор и изразување, но и со слободата на внимание и достапност до информациите. Ова се прашања на кои многу скоро ќе треба да се најдат одговори, но и да се постави соодветна рамка на функционирање која ќе го заштити современиот човек од дигиталното ропство и малтретирање во информативниот простор.
Тоа ќе биде исклучително тешка задача која ќе се решава паралелно со напредокот во дигиталниот простор и напредокот на вештачката интелигенција. Тоа ќе биде и борба паралелна со борбата за превласт и доминација за да може да се слушне она што „јас го говорам“. Тоа ќе биде вистински предизвик за да се изградат правила на однесување и функционирање за да можеме да го слушнеме она што треба да го слушнеме без притоа да бидеме жртви на недостаток на информации или инфлација на лажни вести и дезинформации.
Во овој контекст, заслужува внимание да се проанализира минатонеделната дезинформација, која што беше споделена од лица кои што во моментов се под истрага, во врска со загаденоста на водата за пиење во Скопје.
Се работи за еклатантен пример на злоупотреба на дигиталниот информативен простор, социјалните мрежи и медиуми. Споделувањето на непроверена вест со лажна содржина која предизвикува паника кај граѓаните не смее да помине без соодветна реакција од сите надлежни институции.
Она што го слушнавме од правните експерти во врска со правната квалификација на ова дело воопшто не беше охрабрувачки. Повеќето од нив сметаат дека не постои законски основ кој може да биде искористен за покренување на постапка од страна на македонскиот правосуден систем. Истите експерти сметаат и дека делото не може да се третира како терористичко загрозување од причина што не постои насилство во конкретниов случај.
Ако кривично-правен систем нема соодветен одговор за намерното создавање на масовна паника преку дигитална дезинформација за прашање од критично јавно значење, тогаш проблемот не е само во сторителите, туку и во законската рамка наследена од времето кога можноста за ваквите манипулации практично не постоеше заради самото не постоење на дигиталниот информативен простор. Тоа претставува сериозна дупка во македонското законодавство која мора под итно да биде пополнета. Сето ова претставува ургентна обврска на Владата и Собранието кои мора промптно да делуваат и да го комплетираат законодавството со цел да ја заштитат државата и граѓаните од нови напади, биле тие хибридни или конвенционални. Тоа е наша потреба заради превенирање и пресретнување на потенцијални нови обиди од ваков тип кои ќе го дефокусираат вниманието од вистинските теми и проблеми.
Да се сподели ваква вест и да се предизвика паника која има психолошки и финансиски импликации е сериозен криминал. Таквиот чин е на ниво на намерно подметнување на пожарите кои во моментов беснеат во државата и пошироко во регионот. Споделувањето на лажната вест за загаденоста на водата за пиење може да се смета и како чин на поширок судир кој ги надминува границите на Македонија како земја интегрирана во евроатлантскиот сојуз.
Затоа, особено е важно да се спроведе истрагата до крај и да се види кој стои позади веста која го злоупотреби нашиот информациски простор и нашето внимание. Истрагата мора да покаже дали се работи за егзибиционисти, анархисти, домашни бизнис или политички профитери или пак, како што рековме, нешто кое што ги надминува границите на Македонија.
Предвременото вперување на прстот кон некој од гореспоменатите ќе биде непродуктивно за суштината на истрагата и она што потоа треба да следи како неопходно пополнување на дупките во законот. Работата мора темелно да се истурка до крај.
Особено индикативна беше реакцијата на СДСМ која веднаш се обиде политички да ја капитализира ситуацијата, поврзувајќи ја со одговорноста на власта. Тоа е исклучително неодговорна политичка реакција која го злоупотребува стравот и паниката, кои како силна емоција се создадоа од лажната вест. Тие беа единствените кои веднаш излегоа со тврдење и констатации за тоа дека власта е крива за случајот. На тој начин не сакајќи фрлија сомнеж врз самите себе дека одвај чекале да се појави ваква дезинформација за да можат да ловат во матно. Со таквиот пристап тие самите кон себе го вперија прстот како првоосомничени кои го инспирирале и поттикнале споделувањето на лажната вест која ја загрози слободата на внимание на граѓаните на Скопје. Како и да е, нивното однесување е нивни избор и како такво ќе биде оценувано од граѓаните.
За граѓаните единствено што останува сега е истрагата да ги даде одговорите поврзани со овој пример на злоупотреба на информативниот простор и дигиталните информативни канали. Споделувањето на ваков тип на дезинформации не може да се толкува ниту како слобода на говор ниту како слобода на изразување. Тоа е злоупотреба на слободата на говор за создавање страв, паника и недоверба. А ако дигиталното време создаде нови начини за нанесување штета на граѓаните, тогаш државата мора да создаде и нови начини за нивна заштита. Тоа е суштината на борбата за слободата на говорот и слободата на вниманието.

Македонски


