Skip to main content

Дунав во Будимпешта падна на само 14 сантиметри – реката открива што со децении било под вода

Дунав во Будимпешта достигна историски ниско ниво. Според најновите податоци на унгарската хидролошка служба, утрово водостојот кај главниот град изнесувал само 16 сантиметри, а во текот на денот се очекува дополнително да се намали – на околу 13 сантиметри. За утре се прогнозира пад и до околу 8 сантиметри.

Екстремно нискиот водостој е последица на долготрајната суша и високите температури во Централна Европа. Сателитските снимки на Европската вселенска агенција покажуваат дека Дунав во Унгарија е на рекордно ниско ниво, а ваквите екстреми стануваат сè почести во последните години.

Повлекувањето на реката во Будимпешта откри делови од речното корито кои вообичаено се под вода. Повторно се појави и познатата „Карпа на гладот“ – карпа кај Гелерт која традиционално се гледа само при исклучително низок водостој. Од реката се појавуваат и различни предмети и остатоци од минатото, меѓу кои археолошки наоди, делови од стари пловила и предмети поврзани со воената историја.

Последиците, сепак, не се само визуелни. Екстремно нискиот водостој сериозно го погоди и енергетскиот сектор. Унгарската нуклеарна централа „Пакш“, која се лади со вода од Дунав, во текот на кризата мораше значително да го намали производството. Според „Ројтерс“, производството во еден момент било намалено на само 10 отсто од капацитетот, а потоа делумно се опоравило.

За да обезбедат доволно вода за ладење на реакторите, унгарските власти презедоа и несекојдневни мерки. Во близина на „Пакш“ беа потопени две баржи долги околу 80 метри, со цел привремено да се подигне нивото на Дунав за околу 20 сантиметри. Планирана е и трајна подводна преграда во речното корито, која би можела да го подигне нивото за околу еден метар.

Иако прогнозата покажува дека по утрешниот минимум водостојот постепено би можел да почне да расте, ситуацијата останува сериозна. Според најновата прогноза, до 20 август нивото кај Будимпешта би можело да се искачи до околу 39 сантиметри, но неизвесноста е голема и многу зависи од врнежите во сливот на Дунав.

Екстремната суша веќе има последици и за речниот транспорт, земјоделството и снабдувањето со вода во делови од регионот. Експертите предупредуваат дека ваквите екстремно ниски водостоји на Дунав стануваат сè почеста појава, што отвора сериозни прашања за идната отпорност на инфраструктурата и енергетскиот систем зависен од реката.

Поврзани вести