
Системот „Safe City“ ќе продолжи да се надградува и проширува низ државата, а во полициските возила ќе бидат инсталирани паметни камери со радари кои ќе овозможат автоматско регистрирање на сообраќајните прекршоци – најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, посочувајќи дека целосната имплементација на проектот треба да заврши до средината на 2027 година.
Тошковски во гостувањето во „Само интервју“ на телевизија Канал 5, истакна дека признанието за „Safe City“ во Дубаи не се однесува само на технолошкиот систем, туку и на законските измени, начинот на неговото функционирање и постигнатите резултати во намалувањето на сообраќајните несреќи со смртни последици.
Според него, во Македонија во изминатите 35 години просечно годишно гинеле по 150 лица во сообраќајни несреќи, а годинава, заклучно со денот на изјавата, бројката изнесува 85 жртви.
– Камерите не се за да казнуваат. Целта на камерата е да спаси еден човечки живот повеќе од претходно. Човечкиот живот нема цена – порача Тошковски.
Тој најави дека подвижните радари во полициските возила ќе функционираат и во урбаните средини и на отворените патишта, а нивното воведување ќе се одвива етапно, со оспособување на возилата и обука на полициските службеници.
Во однос на казнувањето за непрописно паркирање, министерот најави дека системот ќе биде ставен во функција до крајот на годинава. Сепак, за разлика од првичните очекувања, прекршокот нема да се утврдува целосно автоматски, туку ќе биде потребна потврда од полициски службеник, бидејќи системот не може со целосна точност да разликува непрописно паркирање од запирање поради сообраќаен метеж.
Фокусот ќе биде ставен на главните булевари во Скопје и другите градови, особено на сообраќајниците по кои се движат автобусите.
Тошковски најави и дека од следната недела македонските граѓани ќе имаат на располагање мобилна апликација, преку која ќе можат да проверуваат дали имаат регистриран сообраќаен прекршок и да ги плаќаат казните.
Дополнително, до крајот на годината се очекува да биде ставен во функција пунктот за проверка на возилата на граничниот премин Блаце, по примерот на пунктот на Табановце. Во иднина се планира проширување и на други гранични премини, меѓу кои и Богородица.
Во врска со проширувањето на системот низ државата, министерот најави дека СВР Струмица треба да биде опфатен во првата половина на следниот месец, СВР Штип до крајот на годината или најдоцна до крајот на јануари, а СВР Скопје до крајот на февруари.
Тој нагласи дека „Safe City“ ќе продолжи да се надградува, особено на критичните сообраќајни точки каде што се регистрирани најголем број тешки сообраќајни несреќи.
Како крајна цел, Тошковски ги посочи европските заложби за преполовување на бројот на жртви во сообраќајот до 2030 година и постигнување нула жртви до 2050 година.

Македонски




