
Во Македонија постои една карактеристика која што повеќе три децении ја следи домашната политика. Тоа не се постојаните напори за економско закрепнување, ниту ниската доверба во судството, или пак корупцијата и борбата против неа. Во сите овие области постоеле подеми и падови во зависност од моментот и политичката решеност на оние кои ја носеле одговорноста во конкретниот период. Во Македонија повеќе од три децении постои отсуство на политичка волја за градење на национален консензус околу прашањата од национален и стратешки интерес и кои што ја определуваат иднината на државата.
Во Македонија речиси ништо не може да биде само државно прашање. Сè мора да има партиска обоеност, различна од онаа која што ја протежира владата и владината коалиција, како репрезенти на волјата на мнозинството македонски граѓани. Европската Унија, уставните измени, пописот, судските реформи, енергетиката, локалниот развој, па дури и природните катастрофи или здравствените кризи, неизбежно завршуваат како дел од политичката војна.
Но, ниту едно прашање во современата македонска политика не ја покажува толку јасно разликата на политичките концепти меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ како што е случајот со процесот на евроинтеграциите. Иако и двете партии тврдат дека членството во Европската Унија е стратешка цел на државата, мора да кажеме дека нивните политички пристапи суштински се разликуваат.
За СДСМ, европската интеграција претставува приоритет што бара политички компромиси и отстапки, дури и кога тие носат висока политичка цена. Таков беше пристапот и при договорот од Преспа, договорот за добрососедство со Бугарија и прифаќањето на францускиот предлог. Нивниот аргумент беше дека секој застој ја оддалечува Македонија од европското семејство и ја прави земјата ранлива на економски, политички и безбедносни влијанија.
За разлика од нив, во ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека европската интеграција не смее да се гради по цена на загрозување на националните интереси и идентитетските прашања. Актуелната Влада на Мицкоски постојано го повторува ставот дека Македонија останува цврсто посветена на членството во Европската Унија, но бара процесот да биде заснован врз принципи, предвидливост и еднакви критериуми за сите кандидати, без нови билатерални условувања. Според ваквото гледиште на ВМРО-ДПМНЕ, реформите треба да продолжат, но уставните измени не треба да бидат прифатени под политички притисок без јасни гаранции дека нема да следат нови барања.
Токму овде се отвора најинтересната политичка дилема.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, неодамна оцени дека застојот на евроинтегративниот процес претставува „еден вид државен удар“. Во класичната политичка теорија, државен удар подразбира незаконско преземање на власта или насилно менување на уставниот поредок. Застојот во европските интеграции, колку и да е сериозен политички проблем, сам по себе не претставува државен удар во таа смисла.
„Државен удар“ е сериозна квалификација и претставува уште поголема радикализација во несогласувањата и разликите во однос на прашањето поврзано со македонските евроинтеграции за кои што зборуваме. Филипче, преку ваквата изјава, веројатно сака да демонстрира загриженост за тоа дека изгубеното време ќе има долгорочни последици за државата, но тој заборава да потсети дека токму владите на СДСМ ја доведоа државата во состојба на самоблокада со загрозени национални карактеристики. Затоа, неговата формулација е пренагласена и неартикулирана.
Особено е интересно тоа што на истиот настан на кој што беше дадена изјавата на Филипче, амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Михалис Рокас, испрати значително понијансирана порака, дури и целосно спротивна на неговата. Бевме сведоци дека Рокас ги поздрави реформските активности на Владата во повеќе области и оцени дека постои видлив напредок во исполнувањето на реформската агенда, при што беше забележлива вчудоневиденоста на Филипче и сите прашалници кои во моментот се појавија над неговата глава.
Ваквите дијаметрално спротивни изјави создаваат интересен политички парадокс. Од една страна, домашната опозиција создава впечаток дека Македонија целосно стои во место. Од друга страна, Европската Унија признава дека реформскиот процес продолжува и дека Владата постигнува резултати во области како јавната администрација, финансиското управување, владеењето на правото и усогласувањето со европското законодавство. Тоа покажува дека реформскиот процес и преговарачкиот процес, иако поврзани, не се идентични. Еден може да напредува, додека другиот останува блокиран поради наметнати политички предуслови и билатерализација на процесот.
Токму затоа јавноста заслужува многу поизбалансирана дебата. Формулации од типот „државен удар“ само ја потврдуваат констатацијата дека во однос на евроинтеграциите не постои усогласен национален став кој трае повеќе од три децении. Примерот што го демонстрира источниот сосед во однос на градењето на заедничка национална позиција кон Македонија треба да биде момент на освестување за сите политички актери, особено за опозициската СДСМ која никако да види дека нејзините сервилни политики на еднострани отстапки немаат поддршка кај граѓаните.
Фактот што СДСМ сака да покаже дека е загрижена и гледа опасност во губењето време е само создавање привид на заинтересирани евро поддржувачи. Во суштина тие само се додворуваат кон странскиот фактор давајќи сигнали дека се подготвени за отстапки кон оние кои што ја блокираат Македонија. Со ваквата реторика СДСМ повторно го промовира моделот според кој напредокот во евроинтеграциите се обезбедува, пред сè, преку нови политички отстапки. Таквиот пристап веќе беше применет во претходниот период, но не ја елиминираше можноста за нови условувања. Со тоа, наместо градење на единствена национална позиција и понатаму остануваме закопани во партиските ровови.
Оттука, заклучокот е идентичен како и констатацијата од почетокот на текстот. Македонија не се соочува со дилемата дали да ги продолжи евроинтеграциите. Тие како стратешка цел не се предмет на конфронтација. Судирот и разликите се во тоа како да се стигне до целта. Ваквиот судир ја остава Македонија постојано да биде соочена со големиот предизвик кој трае повеќе од триесет години, односно дали политичките партии можат да изградат заедничка позиција за европскиот пат која ќе ги штити државните и националните интереси без да се лицитира со отстапки кои нè обезличуваат?!

Македонски



