Skip to main content

Пожарот навлезе во делови од прилепското село Чаниште, зафатени куќи

Пожарот во близина на прилепското село Чаниште навлегол во населеното место, при што, според првичните информации, се зафатени неколку стари и напуштени куќи, а можно е да е зафатена и една куќа во која живеат луѓе, изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

Ангелов посочи дека пожарот бил пријавен преку системот 112 во 15:58 часот, а прилепските пожарникари добиле повик околу 13:30 часот за пожар на отворен простор во близина на селото, кое се наоѓа околу 35 километри од Прилеп.

Поради лошиот и кривулест пат, на пожарникарите им било потребно околу еден час да стигнат до селото. Во моментот кога пристигнале, пожарот веќе почнал да навлегува меѓу првите куќи и се ширел во најмалку три различни правци надвор од селото.

„Пожарот навлегол во селото од различни правци, што значи дека најверојатно е подметнат, бидејќи линијата на огнот била доста долга“, изјави Ангелов.

Тој информираше дека на терен се наоѓаат и околу 20 доброволци од Доброволното противпожарно друштво „Архангел“ од Битола, кои помагаат во спречувањето на ширењето на огнот.

„Добро е тоа што нема повредени жители, нема повредени пожарникари“, рече Ангелов.

Тој апелираше до граѓаните да бидат особено внимателни и да пријавуваат секое сомнително однесување, нагласувајќи дека во изминатите денови се регистрирани голем број намерни палења.

Поврзани вести