Skip to main content

МАН бара кривична одговорност: Венко Филипче под лупа за закани кон новинари

Македонската асоцијација на новинари (МАН) го повика Јавното обвинителство итно да преземе мерки против претседателот на СДСМ, Венко Филипче, поради, како што наведуваат, континуирани закани, навреди и политички притисоци врз медиумите.

Реакцијата на МАН доаѓа по денешната прес-конференција на Филипче, за која од асоцијацијата оценуваат дека дополнително ја влошила, како што велат, непријателската атмосфера кон медиумите кои не се под контрола на СДСМ, со посебен акцент на телевизија Алфа.

– Го повикуваме Јавното обвинителство веднаш и неодложно да преземе мерки за закани и напади кон службено лице, односно спречување службено лице во вршење службено дејствие, согласно член 382 од Кривичниот законик – се наведува во соопштението.

Од МАН бараат институциите да ги заштитат медиумските работници, посочувајќи дека, според Кривичниот законик, заканите кон новинар, снимател или друг медиумски работник се третираат како напад врз службено лице.

Воедно, асоцијацијата ја повика и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги да застане во заштита на, како што наведуваат, професионалните медиуми.

МАН информира дека веќе стапила во комуникација со европските и светските новинарски организации, со цел, како што велат, да укаже на состојбите со медиумските слободи во земјата.

Во соопштението се изнесуваат и политички оценки, при што се наведува дека СДСМ во континуитет врши притисок врз медиуми кои не се под нивна контрола, како и дека одговорноста за тоа ја сноси актуелното партиско раководство.

Поврзани вести