Skip to main content

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче без црвени линии за националните интереси, подготвен за отстапки

ВМРО-ДПМНЕ со остри критики кон лидерот на СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи дека со своите јавни настапи покажува отсуство на принципи кога станува збор за националните интереси.

Во партиското соопштение се наведува дека Филипче во континуитет се обидувал да се доближи до официјална Бугарија, преку изјави поврзани со македонскиот идентитет, кои, според нив, се косат со државните позиции. Како пример го посочуваат неговото јавно обраќање по формирањето на новата бугарска влада, кога, како што велат, ја обвинил сопствената држава дека создавала вештачки конфликти со соседите.

Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека Филипче во телевизиски настапи промовира политики кои подразбираат прифаќање на уставни измени без гаранции за земјава на европскиот пат, оценувајќи дека на тој начин се отвора простор за нови условувања.

Во соопштението се наведува дека Преспанскиот договор, Договорот со Бугарија и т.н. Француски предлог, според нив, претставуваат политики на СДСМ кои ја довеле државата во позиција на уцени и блокади, додека Филипче и понатаму ги претставува како успеси.

Партијата дополнително обвинува дека станува збор за континуитет на, како што наведуваат, „национални отстапки“ од страна на СДСМ, поранешните премиери Зоран Заев и Димитар Ковачевски, како и актуелното раководство.

Во дел од соопштението се изнесуваат и обвинувања за наводни врски со лица и структури блиски до Русија и Белорусија, наведувајќи конкретни имиња и случаи поврзани со доделување државјанства и тендери.

Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека СДСМ, и покрај декларативната проевропска ориентација, води политики што, според нив, го релативизираат македонскиот идентитет, поради што, како што велат, партијата бележи пад на поддршката и ризикува политичка маргинализација.

„Со ваквите политики, СДСМ и Филипче губат доверба кај граѓаните и се движат кон сериозен политички пад“, се наведува во соопштението.

Поврзани вести