
Претседателот на Движењето ЗНАМ – за Наша Македонија, Максим Димитриевски вели дека ЗНАМ останува доследен на принципите на владеење на правото, институционална одговорност и почитување на Уставот и законите, при што целосна поддршка дава министерот за правда Игор Филков и неговиот професионален пристап во раководењето со ресорот.
Во интервјуто за неделникот Фокус, Димитриевски потенцира дека ЗНАМ не ја гледа Владата низ призма на партиски надмудрувања, туку како систем на институционална координација и одговорност, каде секој ресор постапува согласно своите законски надлежности.
-Министерството за правда, предводено од министерот Игор Филков, има јасен и принципиелен став дека сите решенија мора да бидат во рамки на Уставот и законите. Владеењето на правото мора да биде над политичките или етничките калкулации, посочува Димитриевски.
Тој нагласиува дека прашањето за правосудниот испит не смее да биде предмет на дневнополитички притисоци или импровизации, туку дека решенијата мора да бидат системски, правно издржани и во согласност со мислењата на
релевантните институции и меѓународни стандарди.
Претседателот на ЗНАМ ги отфрла шпекулациите за наводно маргинализирање на министерот Филков, оценувајќи дека станува збор за политички конструкции без реална основа.
-Министерот за правда Филков е во постојана комуникација и координација со Владата околу сите прашања од надлежност на Министерството. ЗНАМ целосно стои зад неговиот професионален, непристрасен и принципиелен пристап, истакнува во интервјуто Димитриевски.
Тој, како што информираат од ЗНАМ, потенцира и оти остануваат фокусирани на реформската агенда и реализацијата на програмските определби, а не, како што вели, на кадровски шпекулации и политички конструкции.
Димитриевски оценува дека ресорите што ги предводи ЗНАМ, Министерството за правда и Министерството за јавна администрација, веќе испорачуваат конкретни резултати преку подготовка и усвојување на значаен број законски решенија, како и преку реформи кои добиваат позитивни оценки и од меѓународниот фактор.

Македонски


