
Денеска се навршуваат 11 години од вооружената престрелка во кумановската населба „Диво насеље“, еден од најтешките безбедносни настани во поновата историја на Македонија. На 9 и 10 мај 2015 година, во 28-часовните судири животот го загубија осум припадници на безбедносните сили, додека 37 беа повредени.
Загинатите – Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ – посмртно се одликувани со медали за храброст. Во нивна чест, во кругот на СВР Куманово е поставена спомен-плоча, а во централното градско подрачје е изработен и мурал со пораката „Хероите живеат вечно“.
Годишнината и годинава се одбележува со повеќе активности. Во организација на синдикалната организација на Синдикатот на полицијата на Македонија при СВР Куманово, денот започнува со панихида во Соборниот храм „Свети Никола“, по што следи полагање цвеќе пред спомен-обележјето. Програмата продолжува со меморијален турнир во мал фудбал под мотото „Хероите живеат вечно“, како и хуманитарна акција за поддршка на полициски службеник. Одбележувањето ќе продолжи и во недела со меморијален велосипедски круг во организација на патриотско друштво.
Настаните од мај 2015 година оставија длабока трага кај граѓаните на Куманово. Два дена градот живееше во страв и неизвесност, додека во густо населената населба „Тоде Мендол“, позната како „Диво насеље“, одекнуваа престрелки со различен интензитет. Населбата беше блокирана, жителите евакуирани, а хеликоптери постојано го надлетуваа градот.
И по повеќе од една деценија, кумановци се сеќаваат на тие драматични денови, со јасна порака дека ваква трагедија никогаш не смее да се повтори. Стравот, неизвесноста и човечките загуби од „Диво насеље“ остануваат длабоко врежани во колективната меморија на градот.

Македонски



