
СДСМ обвини дека политичката партија ЗНАМ се соочува со сериозни внатрешни потреси, откако, како што наведуваат, уште една советничка во Советот на Општина Прилеп го напуштила владејачкото мнозинство.
Во соопштението од СДСМ посочуваат дека ова следува по претходното заминување на пратеникот Миле Цеков, оценувајќи дека станува збор за процес на „распаѓање на сите нивоа“.
Од партијата упатија остри обвинувања дека ЗНАМ, формирана од Максим Димитриевски, имала за цел да го ослаби СДСМ, а подоцна, според нив, влегла во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, што го оценуваат како предавство на гласачите.
СДСМ тврди дека поради пад на поддршката, владејачката партија креирала нови политички иницијативи и „платформи“ преку поранешни членови на СДСМ, со цел, како што наведуваат, да се влијае врз внатрешната структура на партијата.
Во соопштението се наведува дека ВМРО-ДПМНЕ се соочува со пад на поддршката поради, како што велат, неисполнети ветувања во делот на економијата, платите и клучните политички прашања, меѓу кои и Преспанскиот договор.
Од СДСМ обвинуваат и за користење на „лажни вести“ и организирани онлајн кампањи, посочувајќи на наводна поврзаност со СНС.
„Повеќе ниту лажните вести, ниту лажните афери не поминуваат. Граѓаните ги препознаваат овие методи“, велат од СДСМ, додавајќи дека очекуваат, како што наведуваат, „време на вистината, правдата и одговорноста“.

Македонски



