
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека е шокиран затоа што италијанската премиерка Џорџа Мелони не сака да му помогне во војната со Иран, односно да им помогне на САД да се ослободат од нуклеарното оружје.
„Дали вам, Италијанци, ви се допаѓа фактот што вашата премиерка не прави ништо за да добие нафта? Дали луѓето ја сакаат? Не можам ни да замислам. Шокиран сум од неа. Мислев дека има храброст, но грешев“, рече Трамп во телефонски разговор за италијанскиот весник „Кориере дела Сера“.
На прашањето дали разговарал за тоа со неа, Трамп рече дека не разговарал затоа што таа рекла дека Италија не сака да се меша.
„Иако Италија добива нафта од таму, иако Америка е многу важна за Италија, таа не мисли дека Италија треба да биде вклучена. Таа мисли дека Америка треба да ја заврши работата наместо неа“, рече Трамп.
Коментирајќи ја изјавата на Малони дека она што го кажал за папата е неприфатливо, Трамп рече дека она што го кажала Малони е неприфатливо.
„Таа е неприфатлива, бидејќи не ѝ е гајле дали Иран има нуклеарно оружје и би ја разнесела Италија за две минути доколку имала шанса. Мелони повеќе не е истата личност, а Италија никогаш нема да биде истата земја. Имиграцијата ја убива Италија и цела Европа“, рече Трамп, додавајќи дека долго време не слушнал ништо од Мелони.
Тој исто така рече дека Европа „се уништува одвнатре“ со своите политики за имиграција и енергија, дека плаќа највисоки трошоци за енергија во светот и дека не е подготвена дури ни да се бори за Ормуската Теснина.
„Тие се потпираат на Доналд Трамп да ја држи отворена“, рече тој.
На прашањето дали побарал од Италија да користи миноловци во Ормуската Теснина, Трамп рече дека побарал од Рим да испрати сè што сака, но дека „тие не сакаат затоа што НАТО е хартиен тигар“.
Извор: МИА

Македонски


