Skip to main content

Холандија бара европска помош за справување со шумските пожари

Пожарникари од Германија, Белгија и Франција од денеска се распоредени во Холандија за да помогнат во напорите за справување со голем број пожари кои избувнаа на воени полигони.

Како што пренесе ДПА, ова е првпат Холандија да побара странска помош за борба против шумски пожари, според локалните власти.

Околу 30 противпожарни возила од Франција и Германија треба да бидат главно распоредени во југоисточниот регион во близина на Ајндховен, додека 67 специјални противпожарни сили се испратени од Германија.

Голем пожар избувна вчера на воен полигон во близина на градот т’Харде, на околу 80 километри источно од Амстердам. Пламените јазици брзо се проширија и сè уште не се под контрола, соопшти полицијата. Оттогаш избувнаа дополнителни пожари на други воени полигони, вклучително и на југот на земјата.

Причината за пожарите останува нејасна, при што експертите претпоставуваат дека вежбите кои вклучуваат експлозиви можеби ги предизвикале пожарите поради сувите услови.

Според локалните власти, напорите за гаснење на пожарите се попречени од силната суша и необично високите температури. Досега никој не е повреден и во моментов нема ризик за населението.

Поврзани вести