Skip to main content

ЦУК и Општина Струга со засилена координација пред почетокот на летната сезона на пожари

Фото: ЦУК

Во пресрет на летната сезона на пожари, Центарот за управување со кризи (ЦУК) и Општина Струга ја интензивираат меѓусебната координација со цел јакнење на оперативната подготвеност и ефикасниот одговор при евентуални кризни состојби.

Како што соопштија од ЦУК, директорот на Центарот, Мухамед Али, остварил работна средба со градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќира, на која биле разгледани можностите за продлабочување на институционалната соработка и унапредување на заедничките капацитети за управување со ризици.

Акцентот на средбата бил ставен на координирано планирање и спроведување мерки за заштита од пожари, како и на подобрување на теренската координација и оптималното користење на расположливите ресурси.

Дополнително, соговорниците ја нагласиле потребата од навремено информирање на туристите за функционирањето на системот за итни повици 112 и за постапувањето во случаи на опасност, со цел зголемување на нивната безбедност и побрза реакција.

Од ЦУК наведуваат дека зајакнатата соработка со локалната самоуправа претставува важен предуслов за заштита на населението, природните ресурси, туристите и јавните добра на подрачјето на општината. 

Поврзани вести