
Еврокомесарката за проширување Марта Кос, порача дека се додека се во сила „спорните правосудни закони во Србија“, таа држава нема да добие финансиски средства од Планот за раст.
Засега, ги запревме сите исплати од Планот за раст бидејќи Србија има назадување во областа на правосудството и додека не го поправи тоа, нема да може да добие финансиска поддршка од ЕУ“, изјави Кос синоќа зборувајќи на Универзитетот во Фриборг во Швајцарија, пренесоа српските медиуми.
Комесарката Кос претходно во неколку наврати предупреди дека тие закони – усвоени во јануари годинава – ја ограничуваат независноста на судството. На 24 април, Венецијанската комисија оцени дека неодамнешните измени во неколку судски закони во Србија ги отстрануваат претходно постоечките заштити за автономијата на обвинителството.
Ова експертско тело на Советот на Европа издаде девет препораки до Србија за тоа како да се отстранат недостатоците. ЕУ бара од Србија целосно да ги спроведе сите препораки на Венецијанската комисија во врска со судските закони и во исто време да ја суспендира примената на овие закони додека не се изменат.
Од средствата на Планот за раст, Србија има право на вкупно 1,588 милијарди евра за периодот помеѓу 2024 и 2027 година. Од првата транша од плаќањето од Европскиот план за раст во јануари, Србија доби малку повеќе од половина од предвидените средства, бидејќи беше утврдено дека исполнила само три од седумте планирани реформи. Наместо предвидените 112 милиони, земјата доби 61,1 милион евра.
Марта Кос изјави и дека е критична кон идејата на Србија и Албанија да им се овозможи да станат членки на единствениот европски пазар и Шенген зоната, посочувајќи дека не постои нешто како „лајт (лесно)“ или делумно, туку само полноправно членство во ЕУ кога сите обврски се исполнети.
Во врска со иницијативата што српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама ја презентираа во заеднички текст за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, Кос рече дека „двајцата политичари веројатно знаат дека за членство во заедничкиот пазар и Шенген треба да се исполни многу во областа на владеењето на правото“.
Таа додаде дека во ЕУ се води дебата дали постојната методологија на проширување е соодветна за сегашното време и дали се можни некои специфични аранжмани и постепена интеграција, но дека нејзината улога како комесар за проширување е да ги подготви земјите да станат полноправни членки. На прашањето како политичката криза во Србија влијае на процесот на пристапување, Кос рече дека Србија назадува во многу области, поради што нејзините исплати од Планот за раст се запрени.
Србија денес е многу поларизирана. Таа е кандидат за членство во Европската Унија повеќе од 10 години. За жал, видовме, гледаме дека назадува, особено кога станува збор за вредностите за кои зборував претходно – владеењето на правото, демократијата, слободата на говорот и, особено, слободата на медиумите. Србија има иднина во Европската Унија, но курсот мора да се промени или посилно да се изрази во постапките на политичарите“, изјави Кос.

Македонски


