Skip to main content

Самостојна изложба „Дамки“ од Перо Кованцалиев во Македонскиот КИЦ во Софија

На 14 мај (четврток) 2026, со почеток од 18:30 часот, во галеријата на Македонскиот КИЦ во Софија ќе биде отворена самостојната ликовна изложба „Дамки“ од македонскиот уметник Перо Кованцалиев.

Изложбата “Дамки“ е составена од серијата на цртежи и објекти од проектите “Капиталистичка авантура“ реализиран 2020 година во Културно информативниот центар Кочо Рацин – Скопје во галеријата Кора и “Политичка лиричност“ реализиран во НУ Музеј – Гевгелија во галеријата АМАМ. 

Делата се изработени од микро честиците кои согоруваат од материјата односно отпадот,  фиксирани како цртежи на хартија, платна и други површини. Во овој случај тоа е текстилен отпад. Отпадот е обликуван во форми на факели (помали и поголеми) кои горат под површините на кои се фиксираат честиците. На овој начин непосакуваната материја останува со нас видлива, да сведочи за нејзиното постоење во една естетска рамка која постојано ќе  потсетува и ја одржува свесноста во потрошувачките навики.               

Чадот како главен елемент во делата танцува исцртувајќи движења и форми, создава разнолик ритам во композициите. На овој начин некои од делата се исполнети со ведрина и леснотија додека пак други ја носат сета мачнина на современиот човек денес.

КОН ИЗЛОЖБАТА ,, ДАМКИ“ НА ПЕРО КОВАНЦАЛИЕВ

Купувам, значи- постојам

Постојам, значи- купувам?

Да купам- да постојам, да постојам- да купувам. Купувам, постојам, купувам…

И така во круг, бесконечно. 

Никогаш доста, никогаш доволно.

(Д)Замка на современото постоење.

Прекумерната потрошувачка, длабоко вкоренета во современите економски системи, која самата по себе се издигна на ниво на културна идеологија и начин на живеење на 21-от век, создаде не само свет доминиран од индивидуална алчност, туку еден вид деструктивно општество интенциозно структурирано да промовира постојано купување, кое како специфична форма на капиталистички малигнитет, од година во година се шири, земајќи сé поголем залет. Живееме во време кога нашиот идентитет е длабоко интегриран со консумеризмот на потрошувачкото општество, кој иако како модел започнува да се развива како начин за поттик на економски раст, со текот на времето доведе до неминовна деградација и деструкција на животната средина. Да се потроши повеќе, да се пополни празнината на неисполнетоста која сé повеќе и повеќе расте, задушувајќи и оддалечувајќи нé од сите вистински (суштински) потреби за нашето постоење и пред сé- опстојување. Копнежот кон дистракција од бремето на животот, баналитетот и монотоноста на секојдневието, го туркаат современиот човек во зоната на консумеристичкиот апсурд и бесмисленост, каде индивидуата го губи индивидуалитетот и се потчинува на издоктринираната „вистина“ и психилошка манипулативна моќ на маркетинг алатките, со која капиталистичкиот гигант управува: дека нашата вредност, а со тоа и лична среќа, е директно зависна од материјалната (не)вредност која ја поседуваме. Илузорен статус и моќ. Капиталистички начин на постоење и однесување. Криза на современиот живот.

Перо Кованцалиев во својот најнов проект насловен ,,Дамки“, како продолжение на неговите претходни два проекти: ,,Капиталистичка авантура“ (2020) и ,,Политичка лиричност“ (2021), уште еднаш длабоко навлегува во сериозноста на оваа проблематика, надоврзувајќи се на идејата, преку уметничката практика да се доловат суровите реалности и сложените последици од загадувањето кое профитот како крајна цел и акумулирањето на капиталот го оставаат зад себе. Ова не е само проект кој го разработува неконтролираниот консумеризам во денешното општество, туку хоророт и деструктивната моќ на непотребното и неконтролирано производство, кое како краен продукт останува да ,,тлее“. Исчезнувајќи во јазици чад, некогашните ,,сведоци“ на нашиот површен идентитет, остануваат тивко да горат, немо сведочејќи за својата потрошна и излишна (над)моќ, исфрлени и неупотребливи на гигантските депонии кои малигно ширејќи се, запоседнуваат сé поголеми површини од планетата Земја. Одовде, и со право уметникот констатира: ,,Чадот денес е единственото орудие кое веројатно ни помага да се ослободиме од вишокот материја. Но, дали чадот денес ослободува или контаминира дополнително? Дали потрошувачкото општество е единствениот модел на живот кој треба да го унапредуваме и развиваме?“ 

,,Дамки“ е проект составен од вкупно петнаесет дела изработени на хартија и платно, каде микро-честиците кои ги создава чадот од согорениот отпаден материјал  кој авторот го користи, фиксирани во форма на цртежи на хартија и платно, кои ја ,,исцртуваат“ работната површина, со намера да потенцираат дека дури и микроструктурата од согорениот отпад продолжува, истрајува во атмосферата, претопувајќи се во дамки, кои Кованцалиев ги посочува како ,,микро материјата од нашето секојдневие“. Цртежот е нежен, а сепак комплексен, конкретен и постојан, а сепак со привидна леснотија и тенденција која води кон исчезнување. А сепак останува. Чадот, исто како во реалноста е овде и сега. Постојано присутен и гневно заканувачки со својата малигна обвивка. Тој пулсира ритмички оформувајќи слободни отворени и затворени линии и форми кои апстрактно циркулираат низ петнаесетте дела од циклусот, динамично проширувајќи се во просторот што води кон визуелно единство во кое формата, суштината и концептот се интегрирани во еден комплетен сооднос со изложбената целина. 

Истражувањето на загадувањето во уметноста служи како убедлив доказ за трансформативната моќ на креативноста во решавање на критичните еколошки проблеми.  Овие уметнички практики не само што ги одразуваат грижите на нашето време, туку и инспирираат промени преку поттикнување на подлабока емоционална врска со природниот свет. Како што се движиме напред, континуираната фузија на уметноста и застапувањето на животната средина ќе остане клучна во поттикнувањето на јавната свест и мотивирањето на колективното дејствување кон поодржлива иднина. Преку овој провокативен визуелен продукт и иновативна употреба на согорливиот отпаден и потрошен материјал во облик на факели кои горат под површините на секое од делата, како еден вид отслик на деградацијата на животната средина, авторот уште еднаш успешно навлегува во дискурсот на еколошката одржливост и итната потреба од грижа за животната средина, со единствена цел- непосакуваната материја да ја доведе до состојба на видливост, и како што посочува и самиот: ,,да сведочи за нејзиното постоење во една естетска рамка која постојано ќе потсетува и ќе ја одржува свесноста во потрошувачките навики“.

,,Дамки“ е изложба на привидната и површна ведрина и леснотија на постоењето во современото општество, белег кој го остава магливата илузија на минливата материјалност сурово наплатена по цена на еколошката деструкција. Дамката која ние од генерација на генерација како неизбришлива трага со години веќе ја пренесуваме едни на други. Одовде, овој проект на Кованцалиев не претставува само критика кон ,,акумулацијата на материјален капитал, агресивниот маркетинг и дизајнот за една употреба, кои се само дел од причинителите на неодржливиот развој денес“, како што наведува тој, туку истовремено и интерсекција на загадување, уметност и свест, со што го предизвикува гледачот да се соочи со сеприсутното влијание на загадувањето како единствен начин кој води до покревање на свеста и одржлива општествена промена, пишува Ангела Витановска, историчар на уметност

Поврзани вести