Skip to main content

Министерството за финансии ја затвори еврообврзницата од 2020 година

Министерството за финансии ја заврши отплатата на еврообврзницата издадена во 2020 година во вредност од 700 милиони евра, со што во целост е исполнета обврската кон инвеститорите, соопшти министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Таа информира дека исплатата е реализирана навремено и со претходно обезбедени средства, при што дел од обврската бил предвреме отплатен, а остатокот исплатен согласно рокот на достасување.

„Официјално е заокружена исплатата на еврообврзницата издадена во 2020 година во вкупен износ од 700 милиони евра. Средствата од наша страна беа исплатени уште минатата недела, а денеска веќе се пристигнати на сметките на инвеститорите“, изјави Димитриеска-Кочоска.

Министерката нагласи дека отплатата е дел од стратегијата за редовно сервисирање на јавниот долг и управување со јавните финансии во услови на глобална економска неизвесност.

Според податоците што ги презентираше, од втората половина на 2024 година, кога актуелната влада ја презела одговорноста за управување со јавните финансии, до денес се сервисирани обврски во вкупен износ од 4,6 милијарди евра. Од нив, 786 милиони евра биле исплатени во втората половина на 2024 година, 2,198 милијарди евра во текот на 2025 година, а 1,571 милијарди евра во текот на 2026 година.

Димитриеска-Кочоска посочи дека и во следните години државата ќе има значителни обврски за отплата на долг. Според проекциите на Министерството за финансии, во периодот до 2031 година доспеваат за отплата околу девет милијарди евра, од кои 1,4 милијарди евра во 2027 година, 1,9 милијарди евра во 2028 година, 1,1 милијарда евра во 2029 година, 1,7 милијарди евра во 2030 година и 1,2 милијарди евра во 2031 година.

Таа истакна дека задолжувањата што ги реализира државата се внимателно планирани и имаат две цели – навремено сервисирање на постојните обврски и обезбедување средства за развојни проекти и инвестиции.

Министерката потсети дека во февруари годинава бил извршен предвремен откуп на дел од еврообврзницата во износ од 383,7 милиони евра. Според неа, со средствата обезбедени преку новата еврообврзница издадена во јануари 2026 година, државата успеала да оствари заштеда од 3,2 милиони евра по основ на камати.

Преостанатиот дел од еврообврзницата во износ од 316,3 милиони евра главница не можел да биде предвреме откупен бидејќи дел од инвеститорите не ја прифатиле таа можност. Поради тоа, согласно рокот на достасување, сега биле исплатени вкупно 327,9 милиони евра, од кои 316,3 милиони евра главница и 11,6 милиони евра камата.

Поврзани вести