
Кинотеката на Македонија од денеска со донација добиена од специјалистичката дијагностичка лабораторија „Авицена“, ќе откупи филмски материјал од историско и општествено значење за државата.
Директорот на Кинотеката, Бошко Грујовски посочи дека станува збор за филмски журнали од серијалот „Филмске новости“, кои во периодот од 1957до 1972 година биле снимени во тогашната Република Македонија.
Кинотеката располага со одредена количина филмски журнали на „Филмске новости“ и досега ги има откупено речиси сите епизоди до 1956 година, но благодарение на донацијата на „Авицена“ оваа зборка значајни историски сведоштва ќе биде збогатена со материјал за уште две децении, рече Грујоски.

За значењето на филмската историска граѓа пред присутните говореша Игор Старделов, Раководител на одделение за прибирање, заштита, обработка, чување на аудиовизуелни дела и придружна филмска документација во Кинотеката, проф.д-р Митко Панов и проф.д-р Драгица Поповска од Институтот за национална историја, како и директорката на Музејот на македонската борба, Анче Илиевска.
„Филмске новости“ беше посебно оддление на белградското претпријатие за производство на филмови „Звезда-филм“, за во 1950-тите да се осамостои како посебна „Сојузна установа Филмске новости“. Филмските журнали кои ги произведуваше – памети постарата кино-публика – беа прикажувани пред проекциите на играните филмови ширум кината во Југославија, а претставуваа кратки информативни филмови за актуелни случувања во државата. Пред појавата на телевизијата тие беа и единствени аудивизуелни записи преку кои населението се информираше на пример за отварањето и работата на индустриските капацитети, реализирањето на одредени стопански политики, посетите на странски делегации и на познати светски личности, различните аспекти на општествено-политичкиот живот во Југославија, сегментите од културно-забавниот живот, спортските натпревари и настани, но и за природните непогоди и катастрофи кои го погодуваа регионот (како поплавите и Скопскиот земјотрес), рече Старделов.

Македонски


