Skip to main content

Притвор за жената која наплаќаше влез на локалитетот Куклица

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово до надлежниот суд поднесе предлог за определување мерка притвор за 41-годишна жителка на Кратово која беше лишена од слобода вчера и за која се водат постапки за спречување на службени лица во вршење службени дејствија и узурпација.

Осомничената подолг период, и покрај сите досега преземени мерки, продолжува да го узурпира локалитетот “Куклица“, кој со указ е прогласен за споменик на природата, да им наплаќа влезници на посетителите без правен основ, да се расправа со нив и да им се заканува, со што постојано го нарушува јавниот ред и мир.

-При последниот инцидент осомничената презела и дејствија на кривично дело – Спречување службено лице во вршење службено дејствие од член 382 став 3 во врска став 2 и 1 од Кривичниот законик, односно физички ги нападнала и спречила полициските службеници кои се обиделе да ја легитимираат и приведат.

Јавниот обвинител го имаше предвид и фактот дека против ова лице веќе е во тек постапка за продолжено кривично дело узурпација на локалитетот „Куклица“, во која и се изречени мерки на претпазливост, вклучувајќи и забрана да ја посетува локацијата, меѓутоа таа одбегнува да го прими и почитува решението.
Исто така, осомничената заедно со нејзиниот сопруг и претходно учествувала во дејствија на спречување службено лице во вршење службено дејствие кон пазарни инспектори, соопшти Обвинителството.

Од тие причини кои укажуваат на опасност од бегство, но и на јасна тенденција осомничената да продолжи да врши кривични дела, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор. Предлогот на јавниот обвинител е прифатен и судот со решение ја определи притворската мерка.

Поврзани вести