
Во Куќата на Робевци во Охрид вечер од 19 часот ќе биде отворена самостојна изложба на Мила Добревска, со наслов „Наследена носија“, која, како што најави НУ Завод и музеј – Охрид, го пресликува духот на македонската жена, преточувајќи ги традиционалните вредности во нови обележја на современото однесување.
-Наследените носии не се само облеката што ја носиме, туку и начинот на кој се претставуваме и како другите нè перципираат. Изложбата и се обраќа на помладата генерација, како потсетник токму за овие вредности и доблести што остануваат нераскинлив дел од нас: добрина, љубов, критичка свест, истрајност и снаодливост. Овие карактеристики се претставени преку дуалистичка интерпретација на минатото и сегашноста, со споредби, хармонии, испреплетувања, создавајќи нови толкувања и адаптации, се наведува во соопштението.
Инспирирана од традиционалната орнаментика и вез, Мила Добревска ги преиспитува и приспособува основните елементи на уметноста: боја, линија, површина, форма, материјал и простор, користејќи рачно моделирана цементна маса, површини посипани со стакло и иновативни техники на ткаење и сликање.

Македонски


