Skip to main content

Изложбата „Синило“ ги отвори „Денови на македонската култура во Будимпешта“

„Синило“ е насловот на изложбата од македонската уметница Јелена Белиќ, отворена во галеријата на културниот центар Balkan Heritage во Будимпешта. Белиќ, архитект, фотограф и цртач се претставува со цртежи со пенкало. Делата се изработени со специфичната техника наречена „длабински цртеж“ – начин на цртање што вклучува несвесен интуитивен пристап и асоцијативен развој на цртежот. Со изложбата официјално беше отворена манифестацијата „Денови на македонската култура во Будимпешта 2026“.

Според уметникот Горан Стојчетовиќ, пред цртежите на Белиќ застануваме за миг, обземени од чудесната синевина од која излегуваат и во која повторно исчезнуваат најразлични белузлави нежни привиденија, сигурно никој нема видено нешто слично во живо.

– Мноштво ликови на антропоморфни и зооморфни суштества што нè набљудуваат, нивните меѓусебни односи, мотивот на мајчинската љубов и семејството, идентитетските прашања, чувствата на осаменост и отуѓеност, го пронаоѓаат својот израз во цртежите на Белиќ – вели Стојчетовиќ.

Во рамките на „Денови на македонска култура во Будимпешта“ годинава ќе бидат организирани серија настани од современата македонска култура пред унгарската публика – изложби, концерти, денови на македонска гастрономија. Програмскиот уредник на манифестацијата е Златко Панзов, а ја организираат Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта, Здружението на Унгарци на Македонија – Теледом и културниот центар Balkan Heritage. Манифестацијата е поддржана од македонското Министерство за култура и туризам.

Поврзани вести